Свет
Продажбата на партизанската пушка – „строго доверлива”!
Досието има печат „Строго доверливо – државна тајна” гласи одговорот на
Министерството за одбрана на прашањето на „Време” во врска со продажбата на
20.000 пушки од прастариот модел М48 на американска компанија.
М48
ПРОГЛАСЕНА ЗА МАКЕДОНСКО ТАЈНО ОРУЖЈЕ
Александар Божиновски
Досието има печат „Строго доверливо – државна тајна” гласи одговорот на
Министерството за одбрана на прашањето на „Време” во врска со продажбата на
20.000 пушки од прастариот модел М48 на американска компанија.
– Поради печатот на досието не можеме да ви дадеме никакви информации во врска
со продажбата. Можеби, ако се добие поинакво мислење од Комисијата за пристап
до информациите, ќе можеме да ве информираме – вели портпаролот Захарија
Вулгаракис.
„Време” чекаше една недела на одговор од Министерството за одбрана.
– Побарајте уште еднаш одговор од Министерството, а ако пак ве одбијат, ние ќе
интервенираме – вели Јане Николовски, претседател на комисијата за пристап до
информации.
Упатените во бизнисот со оружје се изнасмеаја на одговорот од МО.
– Единствено што може да биде строго доверливо во продажбата на 50 години стара
пушка, па макар и да не е употребувана, е цената по која е продадена –
коментираат тие.
Сепак, продажбата на 20.000 пушки М48 од магацините на АРМ, за „Време” веќе ја
потврди купувачот, калифорниската компанија „Мичел Армс”.
– Повеќето пушки што ги добив беа во добра состојба. Приближно 20 отсто не беа
толку добри, додека другите 80 отсто беа прифатливи. Ние имаме искуство со М48
и можеме само со поглед да процениме дали се добри или не – изјави Дон Мичел,
сопственикот на „Мичел Армс” и „Мичел Маузер”.
Тој потврди и дека пушките ги купил за 40 долари од парче во 2002 година.
Мичел сега преку својата Интернет страница ги продава за 1.000 долари од парче.
Зделката била направена преку скопјанецот Панче Малиновски, сопственик на
позната фирма за трговија со оружје „Микеи интернационал”.
“Време” бараше одговор на тоа кога е склучена зделката и од кого, дали бил
распишан тендер или како е дојдено до цената од 40 долари за пушка.
Армијата располага со над 120.000 парчиња од оваа пушка од кои повеќето биле
неупотребувани. Еден дел од нив биле користени за вежбовно гаѓање на регрутите
на АРМ.
Мичел, во вчерашниот допис до „Време” вели дека е заинтересиран да ги купи сите
пушки М48 што ќе ги понуди МО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не сакаше да ги коментира тензиите меѓу САД и европските сојузници околу Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека нема јавно да ги коментира тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници поради барањето на американскиот претседател Доналд Трамп — САД да го преземат Гренланд.
„Можете да бидете сигурни дека работам на ова прашање зад сцената, но не можам тоа да го направам јавно“, рече Руте за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека претседателот Трамп и другите лидери се во право кога велат дека Арктикот мора да биде заштитен од руско и кинеско влијание.
„Мораме да сториме повеќе таму. Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание. Работиме на тоа — да обезбедиме колективна одбрана на арктичкиот регион“, изјави Руте.
Регион
Црна Гора ќе затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување кон ЕУ следната недела
Црна Гора би можела да затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување со Европската Унија (ЕУ) следната недела, а тоа е Поглавје 32, финансиски надзор, изјави црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ.
Таа истакна дека поглавјето 32, кое е под надлежност на Министерството за финансии на Црна Гора, било технички подготвено претходната година, но неговото затворање било одложено поради внатрешните процедури на Европската комисија и земјите-членки.
„Од наша страна, беше испратена јасна порака дека ќе ги исполниме сите обврски што се очекуваат на европскиот пат. Од друга страна, Европската комисија очекува посилна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на граничните премини и дополнително зајакнување на судството“, изјави Горчевиќ во изјава за Радио и телевизија на Црна Гора.
Според неа, брзото затворање на Поглавјето 32 би претставувало важен чекор во амбициозниот план на Владата да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година, што би го отворило патот кон полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година.
Црна Гора ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во декември 2008 година, а преговорите за пристапување започнаа во јуни 2012 година, и досега затвори 12 од 35 поглавја.
Во декември, Црна Гора затвори пет поглавја, од кои клучни се оние за јавни набавки, слободно движење на капитал и рурален развој, што беше оценето како пресвртница пред влегувањето во нова фаза од преговорите и трансформирањето на земјата од кандидат во сериозен кандидат за членство. Во последните две години, темпото на преговорите на Црна Гора за членство во ЕУ се забрза, но 2026 година е клучна година во која земјата се соочува со предизвици, особено во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Постои поглавје 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, чие затворање беше блокирано од Хрватска.
Иако Загреб во тоа време изјави дека не ја блокира Црна Гора, веќе постојат „отворени прашања“ што треба да се решат, меѓу кои бродот Јадран, демаркацијата, исчезнатите лица и гонењето на воените злосторства.
Свет
Италијански медиуми: Мелони бара начин да се извлече од мировната иницијатива на Трамп за Газа
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се двоуми дали да го прифати повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во новоформираниот „Одбор за мир“, објави италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Весникот наведува дека Мелони на почетокот го поздравила повикот, но сега се обидува „да се извлече од таа ситуација“. Причината е Членот 11 од италијанскиот Устав, според кој Италија може да биде дел од меѓународни организации што работат за мир, но само врз основа на рамноправност со другите држави — нешто што не се однесува на одборот на Трамп.
Уредникот Симоне Канечиери објаснува дека Одборот што го замислил Трамп наликува на приватна верзија на Обединетите нации, во кој САД имаат водечка улога и каде учеството подразбира „влезна такса“ од една милијарда долари.
Според Канечиери, Трамп сака лично да го реши конфликтот во Газа, но неговата иницијатива сè повеќе наликува на „приватна влада на светот“, каде што членовите и правилата би ги одредувал тој самиот, дури и по напуштањето на Белата куќа.
Повеќе западни сојузници реагирале воздржано на планот, а дипломати предупредуваат дека таков одбор би можел да ја поткопа работата на Обединетите нации.
Според „Ројтерс“, Трамп треба да ја предводи церемонијата за основање на одборот во четврток, за време на Светскиот економски форум во Давос.
Фото: ЕПА

