Регион
Еди Рама во Прешево го чекаат билборди „Добредојде, премиере“
Билборди „Добредојде, премиере“ и фотографии со ликот на албанскиот премиер Еди Рама се поставени пред неговата посета во Прешево, Бујановац и Медвеѓа, во Јужна Србија, каде живее албанско население.
Билбордите ги поставила општина Прешево, а на една куќа во центарот на Прешево, на сто метри оддалечена од Домот за култура во којшто ќе се обрати Рама истакнато е албанското знаме со двоглав орел. Неколку часа пред посетата на Рама и почетокот на најавениот собир во Прешево преземени се сите мерки за безбедност. На секој чекор има полиција, на патот од Ниш до Прешево има полиција на секој паркинг и надвозник. Во градот со пет, шест билборди на албански јазик ќе биде пречекан Рама, кој треба да стигне во Прешево околу 11 часот. Најпрвин ќе му биде доделено признание за почесен граѓанин на Прешево, а потоа ќе се сретне со највисоките претставници на Албанците, со кои ќе разговара зад затворени врати во кабинетот на претседателот на општината.Потоа во Домот на културата ќе разговара со граѓани и претставници на јавниот живот, а територијата на Јужна Србија, ако се испочитува протоколот ќе ја напушти околу 12.30 часот. Албанците во Прешево велат дека изјавата на Рама не е ништо ново. Од друга страна Србите му даваат полна подршка на српскиот премиер Александар Вучиќ и бараат да се скрати посетата на Рама во Прешево.Ноќеска и утрово има зголемено присуство на полицијата во овој дел на Јужна Србија, а приведени се и неколку Албанци кои се обиделе на јавни места да го истакнат знамето на Албанија. „Од тие лица зедовме изјави за околностите за поставување на знамињата, а потоа ги пуштивме“ изјавиле од полицијата. Рама во понеделникот го прекрши протоколот при посетата на Белград зборувајќи за независноста на Косово, со што како што оцени српскиот премиер, ја злоупотреби довербата на домаќинот, кој возврати дека на никого нема да му дозволи да ја понижува Србија.„Жал ми е што господин Рама ја искористи оваа прилика да говори за тема која не е договорена, но моја обврска е да кажам дека Србија нема никој да ја понижува“ изјави Вучиќ.Премиерот Вучиќ на својот твитер профил напиша дека посетата на Рама во Белград била прилика Србија и Албанија да завртат нова страница во меѓусебните односи.
„Жалам што провокациите на премиерот Рама резултираа со пропуштање на оваа шанса, но сакаме и понатаму да соработуваме за добрата иднина на нашиот регион“ напиша Вучиќ на Твитер./крај/блиц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

