Македонија
Вработена го олеснила Он нет за 38 илјади евра
Дваесет и пет годишна скопјанка, вработена во Он Нет за околу еден месец ја олеснила компанијата за над 2,33 милиони денари (околу 38.000 евра)
Дваесет и пет годишна скопјанка, вработена во Он Нет за околу еден месец ја олеснила компанијата за над 2,33 милиони денари (околу 38.000 евра).
Како што соопшти денеска МВР, поднесена е кривична пријава против А.Т. – Т.(25), поради основано сомнение дека во својство на раководител на подружница на Он нет лоцирана во ТЦ Бисер, со намера да се стекне со противправна имотна корист извршила затајување на доверени парични средства од дневниот промет во висина од 2.330.594,00 ден. со што сторила кривично дело.
Заедно со кривичната пријава и доказниот материјал осомничената е предадена на истражен судија, кој како мерка на обезбедување, ја одзел нејзината патна исправа и дал наредба редовно да се јавува во судот.
Осомничената како раководител била должна остварениот дневен промет да го предаде на овластени лица од НЛБ Тутунска банка по што истите средства би се евидентирале на жиро сметката на ДИС ОН НЕТ ДОО Скопје.
Таа во наведениот период средствата од дневниот промет, наместо да ги предава во банка, ги задржувала за себе, при што на овластените лица кои доаѓале за превземање на прометот им давала образложение дека продажното место за претходниот ден нема остварен дневен промет, но тие се посомневале дека прометот не се предава и побарале извештај од финансиските служби во ДИС ОН НЕТ ДОО Скопје.
Тогаш осомничената, на 02.04.2009, откако фалсификувала страници од книгата за аманентни пратки, искористувајќи регуларни страни од книгата од деновите кога го предавала прометот (ги копирала, а потоа на истите додавала нови дати и така изготвени ги скенирала како документи) во форма на извештај ги испратила по електронска пошта на своите претпоставени давајќи на таков начин оправдание дека наводно средствата од дневниот промет уредно ги предавала на одговорните лица во Тутунска банка. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

