Македонија
Мистериозна експлозија во Железарница го вознемири Скопје, еден тешко повреден
Неисправен вентил на гасна боца што се користи при заварување е најверојатната причина за силната експлозија што се случи денеска во кругот на скопска Железарница, при што еден работник беше потешко повреден.
Неисправен вентил на гасна боца што се користи при заварување е најверојатната причина за силната експлозија што се случи денеска во кругот на скопска Железарница, при што еден работник беше потешко повреден.
Првичните информации во медиумите, кои се базираа на очевидци на настанот, беа дека паднал помал авион или беспилотно летало.
Ваквите информации веднаш беа демантирани од страна на Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, од каде соопштија дека тие во тој момент не употребувале беспилотни летала.
Демантот беше потврден и од страна на Управата за цивилна воздушна пловидба(УЦВ), од каде соопштија дека во тој период на небото над Скопје немало летала.
Инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС) изјави дека не станува збор за летало, туку за инцидент во кругот на скопска Железарница.
„Она што во моментот го знаеме е дека излетала некаква работа од отпадот на Макстил и експлодирала во воздух“, рече за Макфакс Томче Божиновски, инспектор во (ДЗС).
Според очевидец на настанот, што сакаше да остане анонимен, дошло до експлозија на ацетиленска боца која се дигнала во воздух во висина од 200-300 метри, по што се распрскала.
Според работник во Железарницата, до вакви експлозии може да дојде поради неправилно користење на боците, како и поради дотраеност на сигурносните вентили.
„Работиме на ризик. Сигурносните вентили се дотраени, а никој не сака да инвестира во модернизација на опремата“, тврди работникот.
Извесни сомневања за тоа за каков предмет се работи, се јавија и поради аеродинамичната траекторија што беше забележана за време на падот. Кривулестото понирање е карактеристично за објекти што имаат оштетени крилца или стабилизатори, а некои извори за Макфакс тврдеа дека сепак, станува збор за беспилотно летало.
Индикативна е и висината до која се вивнал објектот, како и радиусот во кој се најдени деловите.
„Ако направата полетала два до три километри во висина, сигурно имала експлозивно полнење“, изјави Нове Георгиевски, заменик-генерален директор на Рудници и Железарница.
Неофицијално се шпекулираше и дека станува збор за експлозивна направа, граната, за која не се знае како се нашла во кругот на фабриката.
Според Георгиевски, секое возило со старо железо што влегува во Железарница се контролира на влезот и излезот, но дека има случаи кога влегува и по некоја експлозивна направа.
Георгиевски додава дека крим техника направила увид на лице место и ќе излезе со официјални информации за инцидентот.
Инаку, камиони со старо железо во скопска Железарница најмногу се носат од Косово, Србија и Бугарија.
АД Макстил, во официјалното соопштение, не кажува што би можело да ја предизвика експлозијата, туку само наведува дека при работата биле почитувани сите процедури и дека работникот ја носел потребната заштитна опрема.
Од истата компанија велат дека повторно ги чувствуваат последиците од несоодветното работење на дел од добавувачите на старо железо.
Во денешниот инцидент потешко е повреден 33. годишниот Димо Пигуловиќ, кој со тешки изгореници е префрлен во Градската болница и се наоѓа во критична состојба.
Санирани се изгорениците на неговото тело, но докторите стравуваат од можни компликации во следните 24 часа, карактеристични за овој вид изгореници.
Како што информираат од Градска болница, работникот во моментот се наоѓа на Одделот за интензивна нега и е свесен и контактабилен. /крај/макфакс
Спорниот проектил на местото на слетување. Фото: Филип Поповски/Макфакс
повеќе фотографии тука>>
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.

