Регион
Косовските рудари го прекинаа штрајкот, ѝ даваат повеќе време на владата
Стотици косовски рудари го прекинаа во четвртокот тридневниот штрајк во најголемиот рудник за кој и Србија тврди дека ѝ припаѓа.
Стравувајќи од банкрот, владата во Приштина минатата седмица соопшти дека ќе ја преземе контролата над рударско-металуршкиот комплекс „Трепча“, но се повлече во понеделникот по остриот одговор на Србија и интензивните преговори со западните дипломати
Србија, којашто не ја признава независноста на својата поранешна јужна автономна покраина Косово и Метохија еднострано прогласена во 2008 година од албанските власти во Приштина со поддршка на САД и водечките земји од ЕУ, смета дека ѝ припаѓаат 75 отсто од вредноста на комплексот „Трепча“ и предупреди дека секој обид на косовските власти да ја преземат компанијата ќе ги загрози преговорите меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите кои се водат под покровителство на Брисел.
Околу 350 рудари во „Трепча“ одбија во вторникот да излезат од окното протестирајќи против одлуката на владата во Приштина да се повлече. Подоцна нивниот број се зголеми на 800.
Портпаролот на рудникот, Муса Мустафа, изјави дека штрајкот е прекинат откако владата се согласила да го разгледа својот став. Работата ќе продолжи во петок наутро, според портпаролот.
Рударско-металуршкиот комбинат „Трепча“ кој вади и преработува олово, цинк и сребро, своевремено вработуваше 20 илјади луѓе. Од отцепувањето на Косово од Србија по војната од 1999 година, „Трепча“ која се простира од двете страни на српско-косовската поделба на северно Косово е под контрола на агенцијата создадена од Обединетите нации и ја подготвува за продажба.
Косовската агенција за приватизација (КРА), меѓутоа, не успеа да направи план за иднината на „Трепча“, делумно и поради нејасната сопственичка структура и многуте кредитни обврски.
Иако менаџерите во компанијата ги проценуваат резервите на руда на околу 10 милијарди евра, нејзината неизвесна иднина го пречи развојот и во моментов „Трепча“ работи на минимум производство само за да го одржи процесот на производство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

