Македонија
МБИ10 оствари благ пораст

Индексот МБИ-10 на деншното тргување на Македонска берза порасна за 0,46% со остварена вредност од 2.506,89 индексни поени
Индексот МБИ-10 на деншното тргување на Македонска берза порасна за 0,46% со остварена вредност од 2.506,89 индексни поени.
МБИД се намали за 0,73%, односно опадна на ниво од 2.230,61 индексни поени, додека ОМБ достигна вреност од 103,66 индексни поени, а порастот изнесуваше 0,18%.
Вкупниот промет берзата за хартии од вредност денеска изнесуваше 9.570.088,32 денари.
На официјалниот пазар беше остварен промет од 8.742.635,32 денари, а како дел од тој пазар, државните обврзници за денационализација и старото девизно штедење остварија промет од 4.433.443,32 денари.
На редовниот пазар прометот изнесуваше 827.453,00 денари при реализирани 20 трансакции
Најактивно се тргуваше со државната обврзница за денационализација од четвртата емисија со која се оствари промет од 2.195.255,29 денари. Просечната цена изнесуваше 82,94% од номиналната вредност, а нејзиниот пораст изнесуваше 0,53%. Вкупно се истргуваа 43.229 обврзници.
Како втора хартија од вредност според обемот на промет од официјалниот пазар беше акцијата на Комерцијална Банка Скопје со промет од 1.310.700,00 денари. Се оствари просечна цена од 2.550,00 денари при пораст од 0,40%. Истргувани беа вкупно 514 акции.
При тргувањето со државната обврзница за денационализација од седмата емисија се оствари промет од 1.300.034,75 денари. Дневната просечна цена изнесуваше 76,75% од номиналната вредност, а порастот изнесуваше 0,99%. Вкупно се истргуваа 27.665 обврзници.
Од редовниот пазар најтргувана беше акцијата на Раде Кончар Скопје со промет од 423.200,00 денари. Порастот беше 4,55% при просечна цена од 1.150,00 денари. Вкупно се истргуваа 368 акции.
Промет од 161.995,00 денари се постигна со акцијата на Македонски Телеком, при истргувани 441 акции. Постигната беше просечна цена од 367,34 денари, а порастот изнесуваше 0,36%.
Макстил објави ценовно чувствителна информација, според која на ден 13.07.2009 г. преку блок трансакција на Македонската берза, акционерот Репро Оне Лимитед ги продаде своите 2.833.247 обични акции издадени од Макстил А.Д. Скопје и повеќе не поседува акции од истоименото акционесрско друштво. На истиот ден Минѕорк Оверсеас Инц. купи 2.833.247 обични акции издадени од Макстил А.Д. и стана сопственик на повеќе од 5% од обичните акции на Макстил А.Д. Скопје.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Р.Македонија – Денационализација 04
2. Комерцијална Банка Скопје
3. Р.Македонија – Денационализација 07
4. Макпетрол Скопје
5. Стопанска Банка Битола
Хартии од вредност со најголем пораст
1. Попова Кула Демир Капија 10,72%
2. Раде Кончар Скопје 4,55%
3. Стопанска Банка Скопје 2,50%
4. ЗК Пелагонија Битола 2,26%
5. Гранит Скопје 1,46%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Јака 80 Радовиш 40,00%
2. Стопанска Банка Скопје Приоритетни 19,69%
3. Комуна Скопје 9,45%
4. Арцелормиттал (ХРМ) Скопје 7,44%
5. Р.Македонија – Денационализација 01 3,26%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.
Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат

Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.
Македонија
На Табановце се чека 40 минути

Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава. На граничниот премин „Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.