Македонија
Македонија влегува во нова декада
Македонија, со пристигнувањето на новата 2010 година, влегува во нова, трета декада од своето постоење како независна држава. Деценијата што изминува Македонија ја дочека со пукотници, на работ на граѓанска војна, а сега државата е…
Македонија, со пристигнувањето на новата 2010 година, влегува во нова, трета декада од своето постоење како независна држава.
Деценијата што изминува Македонија ја дочека со пукотници, на работ на граѓанска војна, а сега државата е пред портите на НАТО, со статус на кандидат за членство во Европската унија и очекува датум за почеток на преговори за полноправно членство во унијата, додека граѓаните од неодамна можат слободно, без визи да патуваат во државите од шенген зоната.
Македонија во новата деценија влегува со речиси 2,1 милиони жители, додека според податоците од пописот во 2002 година имала 2,02 милиони жители. Просечно годишно се раѓале по 20 илјади бебиња, а умирале околу 18-19 илјади лица. Околу 14 илјади двојки во деценијата што изминува, годишно ја крунисувале својата љубов со брак, додека се разведувале околу 1.200-1.300 бракови.
Електоратот во Македонија во изминатите десет години девет пати гласаше и тоа на еден референдум, по три парламентарни и локални избори, а два пати избираше претседател на државата.
Се менуваа многу работи во државата во деценијата што изминува, се случуваа подеми и падови во сите аспекти, а непроменети остануваат разликите за прашањето за името со Грција, големата поддршка за членството на Македонија во НАТО и ЕУ, како и големиот број на невработени, кој никако да се спушти под 30 насто од работоспособното население во земјата.
2001 година ќе ја паметиме како една од најтрагичните во поновата историја. Започна со востание на македонските Албанци, кои организирани во Ослободителната народна армија (ОНА) со оружје бараа поголеми права. Насилствата се разжестија во северните и северозападните делови на Македонија, каде пукотниците станаа секојдневие. Воениот конфликт заврши на 13 август 2001 со потпишување на Охридскиот рамковен договор, кој се уште се имплементира. Според официјалните податоци во конфликтот загинале 72. припадници на македонските безбедносни сили, а 270 биле ранети, додека ОНА досега не објави биланс на жртвите. Лоши вести од Македонија ги полнеа тикерите на светските медиуми, а судбината на земјата, се чинеше, беше во рацете на низа олеснувачи, кои доаѓаа, заминуваа и остануваа – Солана, Робертсон, Пердју, Леотар, Ле Роа, Фејт, Фровик…
Мирот се држеше на стаклени нозе и следната 2002 година. Припадниците на ОНА беа амнестирани, некои од нив влегоа во Парламентот. На изборите во септември загуби ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски. Премиер повторно стана социјалдемократот Бранко Црвенковски, а етничките Албанци масовно гласаа за Демократската унија за интеграција на водачот во конфликтот Али Ахмети.
Таа 2002 година, новинарите протестираа два пати. Еднаш откако министерот за внатрешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ Љубе Бошкоски на вежба во Леуново наместо мета, погоди новинарка на „Дневник“, а втор пат кога „Лавовите“ упаднаа во радио станицата „Тумба“ и додека траеше програмата во живо, го истепаа кумановскиот новинар Зоран Божиновски.
Полицајците и понатаму гинеа, а тогаш се случија и „Раштанските Лозја“ – убиството на седуммина пакистански емигранти, за што подоцна ќе му биде судено на Бошкоски.
Македонија, која беше дел од „Партнерството за мир“ за прв пат прати мировници во воена мисија на НАТО и тоа во Авганистан.
Следната 2003 година не беше многу поинаква. Мирот тешко се враќаше. Европската унија од НАТО ја презеде мировната мисија во Македонија и ја воспостави мисијата Проксима. И таа година имаше експлозии во Куманово, Сопот, па и во Скопје.
Сегашниот премиер Никола Груевски, застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ на местото на Љубчо Георгиевски.
Ќе се памети и бегството на босот од Велешта Дилавер Бојку, кој од затворот во Струга замина без лисици на рацете, со својот автомобил. Беше вратен во Македонија, на издржување на казната, откако црногорската полиција го уапси во Улцињ.
Главни настани по кои ќе остане запаметена 2004 година се трагичната смрт на тогашниот македонски претседател Борис Трајковски во авионска несреќа кај Мостар, признавањето на уставното име Република Македонија од страна на САД, како и поднесувањето на апликацијата за членство на Македонија во Европската унија.
Таа 2004 година се случи и егзекуцијата на тројца кумановци во Ирак-Далибор Лазаревски, Зоран Насковски и Драган Марковиќ.
Често се пукаше во Кондово и покрај неколкуте акции за собирање на нелегалното оружје претходните години, а на чело на владата се сменија тројца премиери – Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски. Црвенковски на претседателски избори го порази кардиологот Сашко Кедев, кандидатот на опозиционата ВМРО ДПМНЕ.
Најдобрата вест во 2005 година за Македонија беше добивањето на статус кандидат за членство во Европската унија.
Таа година се одржаа и првите локални избори, по прекројувањето на територијалната поделба на земјата во 2004 година, како услов од Рамковниот договор. Граѓаните претходно на референдум ја поддржаа новата територијална поделба на земјата, која обезбедува поголеми права на етничките заедници во земјата.
На парламентарните избори 2006 година убедливо победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На чело на коалиционата влада со ДПА застана премиерот Никола Груевски, а лидерка на опозицијата стана Радмила Шеќеринска.
Најголем судир имаа партиите на Албанците во Македонија ДУИ и ДПА, кои меѓусебе се обвинуваа за убиства, тепачки, на и по изборите.
НАТО на Самитот во Истанбул даде сигнал дека Македонија ќе добие покана за членство на наредниот состанок на врвот.
Следната 2007 година, ја одбележа трагичната смрт во сообраќајна несреќа на македонската поп икона Тоше Проески. Плачеше цела Македонија за прерано згаснатиот живот на пејачот и хуманист.
Во таа година имаше тепачка во Македонскиот парламент, меѓу пратеници на ДУИ, ПДП и ДПА. Колатерални жртви беа и новинарите – по тепачката беше удрен новинар на А1 телевизија, а ден подоцна беше претепан снимател на Алсат. Започна и судењето на екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски во Хашкиот трибунал за случајот Љуботен, а во големите пожари изгореа илјадници хектари шуми во целата земја.
Македонија во 2008 година ја дочека студен туш во Букурешт. Грција стави вето на поканата за членство во НАТО, условувајќи ја со решение за името.
Годината започна со трагичната хеликоптерска несреќа, во која загинаа 11 македонски мировници, на враќање од Босна.Парламентот се претвори во ринг за политички пресметки, а немањето кворум, доведе до предвремени избори. Груевски освои стабилно мнозинство и формираше коалициона влада со ДУИ. Изборите минаа со пукање и насилства во кои загина едно лице, а осуммина беа повредени. Нерегуларностите на изборите се преточија во дополнителен услов за Македонија на патот кон Европската унија.
Македонија при крајот на 2008 година ја призна независноста на Косово и покрај противењето на Србија.
Во 2009 година Македонија доби нов претседател на државата. Професорот Ѓорѓе Иванов, кандидат на ВМРО ДПМНЕ, го порази својот колега од СДСМ професорот Љубомир Фрчкоски. Општините добија нови градоначалници и советници. Најголем дел од нив се од ВМРО-ДПМНЕ, со што оваа партија обезбеди речиси апсолутна власт во земјата.
Најзначајни настани во годината што изминува се укинувањето на шенгенските визи за македонските граѓани и позитивниот извештај на Европската комисија со препорака за почеток на преговори за членство во Европската унија. Одредувањето на датумот за почеток на преговори со Брисел, зависи од решавањето на спорот за името со Грција, и е оставено за првата половина од 2010 година. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Дружење, пита со паричка и донација за децата со церебрална парализа во Расадник
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес го посети Клубот на деца со церебрална парализа во населбата Расадник. По повод Стара Нова година, заедно со децата и нивните родители се дружеа во празнична атмосфера и ја одбележаа со делење на пита со паричка, а градоначалничката покрај пакетчиња, им додели и донација, столчиња кои им беа потребни за подобро функционирање на клубот.

Средствата за столчињата се обезбедени преку хуманитарната претстава организирана од Општина Кисела Вода и театарското здружение „Големи, а мали“.

-Особено ми е драго што денес заедно ја одбележавме Старата Нова година и што можевме да ги израдуваме и да им подариме нешто што навистина им е потребно. Општина Кисела Вода ќе продолжи да работи на создавање на услови во кои лицата со церебрална парализа ќе се чувствуваат поддржано, прифатено и вклучено во секојдневниот живот. За нас е важно да ги слушаме нивните потреби, да ги поддржуваме нивните семејства и да обезбедуваме конкретни решенија кои реално го подобруваат квалитетот на нивниот живот- истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.


Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.
„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.

