Свет
Русија објасни зошто го протерала дописникот на „Гардијан“
Русија денеска соопшти дека од земјата го протерала дописникот на британскиот весник „Гардијан“, Лука Хардинг, од административни причини и штом тоа ќе се реши, Хардинг ќе биде добредојден во земјата.Хардинг се врати во Москва минатиот викенд, по два месеца работа во седиштето на весникот во Лондон на објавувањето тајни дипломатски документи од сајтот Викиликс.Но по доаѓањето не му бил дозволен влез на руска територија и веднаш со авион бил вратен во Британија.„Лука Хардинг не дојде по својата нова картичка за акредитација од ноември, како што всушност требаше да направи. Штом ќе се реши тој проблем, тој ќе може да дојде во Русија“, се додава во соопштението.Објаснувањето на министерството не се сложува со веста на агенцијата РИА Новости, која денеска наведе, повикувајќи се на извори од руските служби за безбедност, дека Хардинг е протеран на барање на службите.Главниот уредник на „Гардијан“, Алан Расбриџер, вчера изјави дека е јасно дека ова е нов загрижувачки напад на слободата на печатот, а загрижувачки е и тоа што владата на Русија протерува новинари со чијашто работа не се сложуваат.Агенцијата Интерфакс вчера јави, повикувајќи се на владини извори, дека протерувањето на Хардинг нема врска со неговото известување од Русија.Хардинг, кој доби неколку награди за новинарство, бил дописник од Њу Делхи, Берлин и Москва, а известувал и од војните во Ирак и Авганистан./крај/бе/бч
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Свет
Министрите на Трамп: Обновливите извори на енергија се бескорисни, ЕУ треба да купува наша нафта
Глобалните инвестиции во обновлива енергија се покажаа како залудни и светот треба да се фокусира на сигурно снабдување со фосилни горива, изјавија оваа недела американските министри за енергија и внатрешни работи, обидувајќи се да ја убедат Европа да купува повеќе американска нафта и гас, објави денес Ројтерс.
Соединетите Американски Држави станаа водечки европски снабдувач со нафта и гас, а американските компании се стремат да го зголемат тој удел во време кога Европската Унија сака целосно да го прекине преостанатиот увоз на руски енергетски производи.
Пораката од американските претставници на енергетската конференција во Атина оваа недела го нагласува пресвртот во политиката на САД под администрацијата на Трамп, која ги олесни еколошките прописи и ја истакна „доминацијата“ на нафтата и гасот како централен двигател на американската економија и меѓународното влијание.
„Едноставно не функционира“, рече американскиот министер за енергетика Крис Рајт за префрлањето кон обновлива енергија на конференцијата, каде што американските компании објавија договори за снабдување и дупчење за гас во Европа.
Тој истакна дека светот потрошил помеѓу 4 и 8 билиони долари за поврзување на сончевата и ветерната енергија со мрежата, но дека минатата година таквите извори сè уште сочинувале само 2,6 проценти од глобалната енергија.
Рајт, исто така, рече дека сака САД да ја заменат „секоја молекула“ руски гас што сè уште тече во Западна Европа.
САД произведуваат над 20 милиони барели нафта и течни нафтени деривати дневно, односно секој петти барел во светот.
Изјавите на САД се во остра спротивност со целите на голем број земји од ЕУ, кои оваа недела се согласија да ги намалат емисиите за 90 проценти до 2040 година во споредба со нивоата од 1990 година, иако ова беше ублажено во споредба со претходните цели.
фото: принтскрин

