Македонија
Заврши реконструкцијата на Домот на култура во Кичево

Министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска го посети Центарот за култура ,„Кочо Рацин“ во Кичево каде, со средства на Министерството за култура, заврши реконструкцијата и санацијата на објектот
Министерката на средбата со директорот на Центарот, Ѓоргија Сајковски беше информирана дека доделените средства од Министерството за култура во висина од два милиони и 800 илјади денари наменски се искористени за поставување на нова покривна конструкција на објектот, санирани и реконструирани се фасадните ѕидови со што Центарот за култура доби сосема нов лик. Сајковски информираше дека е извршена промена на влезната врата, санирани се санитарните јазли, а направена е и летна сцена за одржување на манифестации на отворено. Исто така за потребите на домот исплатени се 150 илјади денари за набавка на клима уред. Министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска во Кичево го посети и музејот на „Западна Македонија и НОВ“, каде исто така заврши реновирањето на институцијата. На средбата со директорот Илми Велиу, Канческа-Милевска беше информирана дека во музејот, поставени се подни мермерни плочки, а на катот каде што се наоѓаат мозаиците поставени се керамички плочки. За реновирањето на музејот, Министерството за култура издвои 640 илјади денари. Канческа-Милевска оствари средба и со градоначалникот на Кичево, Благоја Деспотовски пред кој потенцираше дека со санацијата и реконструкцијата не само на овие установи, туку и на останатите центри и домови на културата во Република Македонија, ќе се овозможи побогат културен живот и поголема едукација на младите и во помалите населени места во Републиката. Министерството за култура преку Годишната програма за култура издвои средства за реконструкција и санација на 22 центри и домови за култура низ целата држава, како и средства за уредување на сите музеи и поставување на етнолошки и археолошки поставки автентични за градовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.