Македонија
Опозицијата побара делумна ревизија на Уставот

По предлогот на Владата да се измени член од Уставот, опозицијата излезе со низа предлози со кои би се извршила речиси целосна негова ревизија.
Владата предлага да биде изменет член 4, став 2 од Уставот, во кој ќе биде пропишана можност за предавање на државјанин на Република Македонија во друга држава, согласно меѓународните договори и обратно, како и за лица кои го злоупотребиле двојното државјанство и ја избегнале казнената одговорност.
Министерот за правда Михајло Маневски, кој го образложи овој предлог, информираше дека Владата подготвувајќи ги измените, ги имала предвид сите меѓународни стандарди.
Ваквиот предлог всушност е преземен според моделот на хрватскиот Устав.
Од опозициската СДСМ се согласуваат со ваквиот предлог на Владата, но забележаа дека ваквите уставни измени се вршат без консензус со опозициските партии.
„Ова е уште еден преседан на министерот Маневски. Приоритет над приоритетите е да се прочисти министерот за правда или да се депортира министерот за правда од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители“, изјави Владо Бучковски од СДСМ.
Од СДСМ предлагаат измени во Уставот со кои не би застарувале кривичните дела од областа на општествениот капитал.
Партиите од албанскиот блок ДУИ и Нова демократија(НД) имаат речиси идентични предлози – да има употреба на Бадентер при избор на судии, како и кај прераспределбата на буџетските средства.
Сметаат и дека одлуките на Уставниот суд за закон кој бил донесен со Бадентер, треба да бидат донесувани со Бадентер.
Од ДУИ велат дека за ваквите предлози се потребни консултации, а според НД тие сакаат само да манипулираат со граѓаните.
Расправата во Комисијата уставни прашања сè уште трае и останува неизвесно дали ќе биде постигнат договор за измена на Уставот. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.