Македонија
МЕРС се шири во Европа: Смртоносниот вирус регистриран во Грција
Смртоносниот вирус МЕРС од Саудиска Арабија почна да се шири во Европа, а најблиску до Македонија е забележан во Грција. Министерството за здравство, во пресрет на летните одмори кога многу Македонци заминуваат во Грција, како и на аџилак во Мека презема превентивни мерки за заштита на населението иако кај нас нема регистрирано сучај на заболен од МЕРС или Блискоисточен распираторен синдром – коронавирус.
Вирусната распираторна инфекција првпат е регистрирана во Саудиска Арабија во 2012 година каде што има 600 заболени од вкупно 683 случаи во светски рамки. Од вирусот до сега починале 204 лица, а последните два случаи се сестри од Иран кои не патувале, но биле во контакт со лице кое се вратило од аџилак во Саудиска Арабија.
Токму поради таквата опасност, како и претстојните летни одмори и зголемена фреквенција на патници, Министерството за здравство подготви краток памфлет за патници со основни препораки за превенција кои ќе се достават до аеродромот „Александар Велики” и сите гранични премини, а како и секоја година така и оваа министерството ќе организира состанок со организаторите за заминување на аџилак и со медицинските тимови со цел да ги запознае со основните превентивни мерки пред, за време на патувањето и по враќање.
Инаку, најмногу регистрирани случаи на заболени од МЕРС се од Саудиска Арабија и земјите од Блискиот исток (Јордан, Кувајт, Оман, Катар, Обединетите арапски емират, Јемен и Иран). Вирусот почна да се шири и на другите континенти. Во Европа има регистрирано случаи во Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија и Англија. Во Африка вирусот е регистриран во Египет, Тунис и Алжир, потоа во Азија во Малезија и Филипини, како и во САД. Сите случаи имале директна или индиректна врска со Блискиот исток.
Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, смирува дека досегашните искуства говорат дека можноста за заразување од МЕРС се мали, но сепак се препорачува за сите кои патувале на Блискиот исток и ако во рок од 14 дена развијат акутна распираторна инфекција со треска и кашлање веднаш да побараат медицинска помош и да кажат дека патувале.
Таа нагласи дека во Македонија нема регистрирано случај на заболен од МЕРС, но во континуитет се преземаат превентивни мерки.
„Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата и ги спроведува препораките на Светската здравствена организација (СЗО- WHO), Клиниката за инфективни болести е подготвена за испитување и третман на заболен, во Институтот за јавно здравје се обезбедени тестови за дијагноза на сомнителен случај, до сите матични лекари е дистрибуирана информација за потребата за алерт и сомнеж за можна појава на заболен од МЕРС и подготвена е брошура со основни информации за вирусот”, рече Костовска.
Симптоми на вирусот се температура, кашлица, треска, недостиг до воздух и тешкотии при дишењето. Иако најголем дел од заболените развиваат пневмонија, еден дел имаат гастроинтестинални симптоми со дијареа, а кај некои се јавуваат и бубрежни тегоби.
Изворот на вирусот не е утврден, а се смета дека заболените се заразиле од контакт со заразени животни или консумација на непреработени производи од заразени животни, пред сé, камилата, преку пренос од едно на друго лице, но механизмот на пренос на вирусот односно дали преку кашлање или кивање или преку физички контакт не е познат.
„Трансимисијата на МЕРС не е добро проучена и се чекаат резултати од истражувањата кои се во тек. Токму затоа се посочува на претпазливост за сите можни начини на ширење. Во овој момент нема информации што укажуваат дека постои широка трансмисија во популацијата”, истакна Костовска и додаде дека во моментов нема вакцина за лекување на овој вирус./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

