Македонија
Делегација на Конгресот на САД во Македонија
Делегација на претставници од Конгресот на САД, која го претставува Домот на демократско партнерство (ХДП) доаѓа во посета на Македонија со цел да одржи обука на тема „Поддршка на работата на Законодавниот комитет“
Обуката ќе се одржи во Маврово, од 10 до 14 ноември и истата е организирана од страна на ХДП и Собранието на Република Македонија, во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) со поддршка на УСАИД. На обуката ќе земат учество избрани членови на комитетот од Парламентот на Џорџија, Собранието на Република Косово, Големиот државен хурал на Монголија и Собранието на Република Македонија. Ова е прва обука на претставниците на ХДП која се одржува надвор од САД и која е ко-организирана со друг парламент како партнер. Делегатите ќе ги анализираат начините преку кои ќе можат поефикасно да ги поддржат активностите на комитетот, вклучително и организирање на расправи за законодавството и супервизијата; испитување и вградување на јавното мислење во законската регулатива; спроведување на политички и правни истражувања кои би биле земени предвид од страна на комитетот; ефикасно работење со извршни агенции кои се цел на супервизија на комитетот и пишување на ефективни извештаи од страна на комитетот. Покрај сесиите на обука, делегатите ќе имаат можност да го разгледаат македонскиот Парламент и неговите активности. Програмата овозможува комуникација меѓу делегатите со нивните колеги од другите партнерски парламенти што се вклучени во програмата Дом на демократско партнерство, како и со претставници од меѓународната политика и донаторската заедница. Mисијата е да се зајакнат демократските институции преку соработка со парламенти во демократии во развој. Членовите на конгресот и вработениот персонал работат директно со нивните колеги на обезбедување техничка експертиза чија цел е поттикнување на одговорноста, транспарентноста, законодавната независност и владиниот увид во парламентите. ХДП брои 20 членови, и од Демократската и од Републиканската партија, кои се назначени од Претседавачот и Лидерот за малцинства. ХДП работи преку Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) заради обезбедување материјална помош за партнерските парламенти, со цел да се подобри ефикасноста и транспарентноста на нивната работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација
Македонија
ВЛЕН: Ѓоко Ристов заедно со судијата Енвер Беџети го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков
Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра пари осомничени за корупција не е само индивидуален скандал. Оваа вест уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„ВЛЕН е убеден дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани. Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата. Напротив. Тој, заедно со судијата Енвер Беџети, сега прогласен за нон грата, беа и дел од судските одлуки што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава, кој денес слободно вози Ферари во Монако“, рече Сулејмани.
Тој потсети дека Енвер Беџети бил санкциониран како нон грата заедно со бегалецот од правдата, исто така нон грата Артан Груби, токму врз основа на сомневања дека влијаеле врз одлуките што му овозможиле на Сашо Мијалков да ужива во слободата и да го троши своето богатство.
„Ако некој мисли дека ова се случајности, тогаш не разбира зошто граѓаните се револтирани. Затоа, денес поставуваме неколку конкретни прашања: во колку други случаи биле вклучени Ѓоко Ристов и Енвер Беџети? Во колку случаи биле дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките? Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници? Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?“, рече Сулејмани.
Тој кажа дека потребни се целосни и независни истраги, конкретна одговорност, со имиња и презимиња и радикално чистење на систем скапан до срж.

