Македонија
Американската влада и` честиташе на Македонија за мирните избори

Вашингтон е задоволен од мирното и демократско одвивање на енделните избори. САД и` честитаа на Македонија и на нејзините граѓани на првиот круг на претседателските и локални избори одржани на 22-ри март
Мериен Тусон, претставник за медиуми во Бирото за европски прашања на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски изјави дека граѓаните на Република Македонија заслужуваат пофалба за тоа што излегле во голем број и се повика на првичната проценка на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите исполниле најголем број од стандардите на ОБСЕ и на Советот на Европа за демократски избори. Тусон додаде и дека изборите од 22-ри март биле добро организирани, без насилство што преставуваше црна дамка врз парламентарните избори во 2008-ма. Тоа, според Тусон, демонстрирало капацитет за одржување на успешни избори, што е од круцијално значење за натамошниот напредок во Македонија во евро-атлантските интеграции. „Гледаме на изборите како на значително подобрување споредено со параламентарните избори во јуни минатата година и ова е поддржано од прелиминарниот извештај на ОДИХР во кој стои дека изборниот ден минал без насилство или други поголеми инциденти“, вели Тусон. Стејт департментот истовремено ја повика Владата и другите релевантни инстанци во Македонија да го одржат таквото ниво за да се справат со преостанатите предизвици што беа забележани во прелиминарната проценка на ОДИХР, со што би осигурале гласањето во вториот круг на 5-ти април да се одржи во безбедни, слободни и праведни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со сенаторот Петер Велч во Вашингтон

На првиот ден од работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со сенаторот Петер Велч, еден од иницијаторите на новата резолуција во Сенатот на САД со која се одбележуваат 34 години од независноста на Република Северна Македонија и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
Министерот Муцунски ја нагласи важноста на оваа резолуција како потврда за силното пријателство и доверба што ги обединуваат македонскиот и американскиот народ. Тој подвлече дека Република Северна Македонија останува посветена на заедничките евроатлантски вредности, демократијата, владеењето на правото и стабилноста на Западен Балкан.
На средбата се разговараше и за унапредувањето на билатералните односи, поддршката за европскиот пат на Северна Македонија, како и за заедничкото уверување дека посетата ќе отвори нови можности за уште посилна соработка меѓу двете земји.
Во текот на денот, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби со повеќе претставници на Конгресот на САД, како и да се обрати на свечен настан организиран по повод 8 Септември – Денот на независноста, во присуство на македонската дијаспора.
Македонија
Побаран притвор за четири лица за пожарот на отпадот во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на сите докази прибрани во предистрагата до овој момент, денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.
Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.
Имајќи ги предвид дејствијата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.
Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.