Свет
Најмалку 20 мртви во две авионски несреќи
Најмалку 20 луѓе загинаа во две авионски несреќи што се случија вчера на различни страни на светот
Најмалку 20 луѓе загинаа во две авионски несреќи што се случија вчера на различни страни на светот – едната во американската сојузна држава Монтана, другата во Токио.
Во авионската несреќа која што в неделата се случи во близина на аеродромот Бјут, во Монтана, загинаа 17 лица, соопшти Сојузната служба за авионски сообраќај.
Портпаролот на службата, Мајк Фергус, изјави дека едномоторниот авион ПЦ – 12 се урнал и се запалил во моментот кога се приближувал кон аеродромот во Бјут. Според првичните информации загинале 17 луѓе, меѓу кои има и деца.
Локалниот весник „Монтана Стандард“ објави дека авионот превезувал деца кои од Орвил, Калифорнија патувале на скијање во Монтана.
Авион на компанијата за транспорт „Федекс“, се урна и се запали при слетување во токискиот аеродром Нарита, при што загинале два члена на екипажот, потврди јапонското Министерство за сообраќај.
Товарниот авион МД – 11 полетал од кинескиот град Гуангжу, а портпаролот на аеродромот рече дека несреќата била предизвикана од силниот ветер, пренесуваат јапонските новински агенции.
Видео снимка, објавена на телевизија, покажува дека авионот тешко слетал, се превртел на левото крило и се запалил./крај/хи/б92/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

