Свет
Аналитичари: затворањето на Ормускиот теснец не е толку едноставно
Командантот на иранската воена морнарица во четврток изјави дека затворањето на Ормускиот теснец ќе биде „едноставно како да се испие чаша вода“, но американските аналитичари возвраќаат: „многу тешко“.
Командантот на иранската воена морнарица во четврток изјави дека затворањето на Ормускиот теснец ќе биде „едноставно како да се испие чаша вода“, но американските аналитичари возвраќаат: „многу тешко“.
„Затворањето на Ормускиот теснец е многу лесна работа за иранските вооружени сили, но засега не е потребно“, изјави во среда командантот, адмиралот Хабиболах Сајари. Иранската морнарица сметаат аналитичарите, не е доволно голема за трајна физичка блокада на теснецот, но има подводни мини и ракетни капацитети кои би можеле да нанесат огромна штета.
„Тоа нема да оди толку лесно како што велат тие. Но, ако Иран сака да предизвика проблеми, тоа може да го стори“, вели Кејтлин Талмиџ, професорка на универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во САД.
Американската Петта флота, сместена во блискиот Бахреин внимателно ги набљудува движењата на иранските бродови во теснецот. Положувањето на подводните мини или ракетна активност не би минале незабележани и многу бргу би предизвикале одговор од страна на Американците.
Воените сили на Техеран во среда започнаа 10-дневни поморски вежби околу теснецот, низ кој минуваат 40 проценти од светскиот нафтен поморски промет, а 70 проценти од нафтата која ја купува Кина. Поморските сили на оваа земја се распоредени на истокот на теснецот, во Оманското море, во Аденскиот залив, како и во Индискиот океан.
„Ако се воведат санкции на извозот на иранската нафта, ниту една капка нафта нема да мине низ Ормускиот теснец“, предупреди и првиот потпретседател на иранската влада, Мохамед Реза Рахими. САД и некои западноевропски држави деновиве објавија дека размислуваат за воведување на нови санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, кои би вклучувале и забрана за извоз на неговата нафта.
Аналитичарите истакнуваат дека Иран може да ја попречи пловидбата на танкерите и на западните воени бродови со подводни мини, со ракети и со самоубиствени напади со помали пловила, но потсетуваат дека воопшто не е лесно да се потопи супертанкер, кој е многу поголем и поотпорен на нападите од воените бродови.
Иран има 23 подморници и повеќе од 100 патролни и боеви бродови, додека во составот на Петтата флота се наоѓаат 20 боеви бродови. Клучното стравување е дека, ако Иран се обиде да го дестабилизира прометот низ Ормускиот теснец, тоа би довело до отворен воен судир со САД.
Но, Сузан Малоуни, експерт за иран при институтот Brookings, истакнува дека и Техеран и американската администрација ќе бидат многу внимателни да не дозволат тензиите да отидат премногу далеку.
„не мислам дека Иран сака војна, но постојат елементи во иранското водство кои би поздравила еден поинтензивен судир, затоа што тоа би одговарало на нивните интереси“, смета Малоуни. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) „Ризикуваме да изгубиме сè“: драматичен говор на Зеленски по падот на вториот човек на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на Фејсбук за прв пат по оставката на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот лидер.
Како што нагласи на самиот почеток, „Русија едвај чека Украина да прави грешки“.
– Ние нема да ги правиме. Нашата работа продолжува. Нашата борба продолжува. Немаме право да не успееме, немаме право да се повлечеме или да се свртиме едни против други. Ако го изгубиме единството, ризикуваме да изгубиме сè – себеси, Украина и нашата иднина. Мора да стоиме заедно. Мора да издржиме. Нема друг избор. Никогаш нема да има друга Украина. Ние ја браниме Украина. Слава на Украина! – рече Зеленски.
Зеленски денес објави дека неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, поднел оставка.
– Прво: Канцеларијата на претседателот на Украина ќе назначи ново лице на чело – шефот на кабинетот, Андриј Јермак, ја потпиша својата оставка – рече Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Интерфакс Украина.
Тој му се заблагодари на Јермак за неговата досегашна работа и рече дека утре ќе одржи консултации за тоа кој би можел да биде новиот шеф на неговиот кабинет, пренесува УНИАН.
Европа
Франција ги забрани мобилните телефони во основните училишта, Макрон: Ќе ги забраниме и во средните училишта
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека е веројатно на средношколците да им биде забрането да користат мобилни телефони почнувајќи од следната година.
Објавата е продолжување на постојната мерка што веќе е во сила за помладите ученици, објави Политико.
На учениците во основните и средните училишта во Франција веќе им е забрането да користат мобилни телефони.
Зборувајќи на настан во источна Франција, Макрон рече дека првата фаза од забраната функционирала „доста добро“ и изрази поддршка за проширување на политиката на средните училишта, кои ги посетуваат ученици на возраст од 15 до 18 години.
Францускиот претседател потврди дека министерот за образование Едуар Жефри веќе ја разгледува идејата. Сепак, воведувањето забрана во средните училишта може да бара ново законодавство. Националното собрание гласаше за сегашната забрана во 2018 година, но тој закон конкретно ги опфаќа само предучилишните установи, градинките и основните и средните училишта.
Иако влијанието на Макрон врз домашната политика ослабе откако ја изгуби контролата врз парламентот во 2024 година, претседателот во последните недели се обидува да се врати на домашната сцена. Преку серија јавни настапи, тој се обидува да покаже како планира да се соочи со предизвиците што ги поставуваат социјалните медиуми и големите интернет платформи.
Европа
Русија се заканува дека целосно ќе го блокира „Воцап“
Државниот регулатор за комуникации на Русија, Роскомнадзор, се закани дека целосно ќе го блокира „Воцап“ доколку не ги почитува руските закони. Регулаторот повторно ја обвини популарната платформа за пораки, во сопственост на „Мета“, дека не ги почитува руските барања дизајнирани за спречување и борба против криминалот, објави Ројтерс.
Ултиматум на Роскомнадзор
Новинската агенција Интерфакс го цитираше регулаторот како вели: „Доколку услугата за пораки продолжи да не ги исполнува барањата на руското законодавство, таа ќе биде целосно блокирана“.
Позадина на конфликтот
Ова е најновиот чекор во долготраен спор. Русија започна со ограничување на некои повици на „Воцап“ и „Телеграм“ во август, обвинувајќи ги платформите во странска сопственост дека одбиваат да споделат информации со агенциите за спроведување на законот во случаи на измама и тероризам.
Одговор на „Воцап“ и државна алтернатива
„Воцап“ одговори обвинувајќи ја Москва дека се обидува да блокира милиони Руси од пристап до безбедни комуникации. Во меѓувреме, руските власти промовираат конкурентска апликација поддржана од државата наречена MAX. Критичарите тврдат дека MAX може да се користи за следење на корисниците, што државните медиуми ги отфрлаат како лажни обвинувања.

