Македонија
Центар на занети во Старата скопска чаршија
Воспоставување на центар за занаети, подготовка на промотивни материјали и дополнителна сигнализација кон атракциите во Старата скопска чаршија се дел од акционите планови за развој на културниот туризам на ова старо градско јадро.
Воспоставување на центар за занаети, подготовка на промотивни материјали и дополнителна сигнализација кон атракциите во Старата скопска чаршија се дел од акционите планови за развој на културниот туризам на ова старо градско јадро.Ова е дел од регионалниот проект за развој и заштита на занаетите и културниот туризам во градовите Скопје, Сараево и Мостар кој се предвидува да трае до 2012 година.Срѓан Димитриевиќ, раководител на секторот за развој на културниот туризам во Скопје на денешната презентација на акционите планови рече дека во рамките на проектот се планира реновирање на неколку деловни простори кои треба да бидат интегрирани во центар за занаети, кои ќе имаат изложбено – работен и промотивен карактер.„Со воспоставување на еден таков центар ќе посветиме внимание на старите занаети кои што се наша традиција и се главна одлика на Старата скопска чаршија. Тоа ќе бидат отворени работилници каде што ќе се презентираат, изработуваат и продаваат занаетчиските производи. Сметаме дека со сите овие активности ќе придонесеме кон постепено збогатување на содржините во Старата скопска чаршија и со тоа ќе овозможиме да се зголеми бројот на посетители и туристи. На таков начин ќе овозможиме и економски придобивки за луѓето кои што работат во чаршијата“ – рече Димитриевиќ.Димитриевиќ вели дека доаѓа до намалување на активностите во чаршијата во поглед на занаетите. „Доаѓа до изумирање на старите занаети и ние сакаме да дадеме акцент на зачувување токму на старите занаети и зачувување на културниот живот на чаршијата. Нашиот пристап беше да вклучиме што поголем број релевантни организации од секторот за занаетчиство. Со сите активности и конкретни предлози во акционите планови сметаме дека ќе овозможиме одржливост на сите занаети – рече Димитриевиќ.Локалниот акционен план е само дел од проектот кој се имплементира на подрачјето на Босна и Херцеговина и Македонија и го опфаќа партнерите на Скопје, Сараево и Мостар кои заеднички работат на валоризација на културниот туризам во овие градови. Проектот е финансиран од Министерството за надворешни работи на Италија и шест италијански региони. Изработката на акционите планови е поддржана од проектот Оксфам од Италија и Град Скопје.„Појдовме со принципот на сослушување на локалните партнери и од овде ни кажаа дека приоритет им е развојот на културниот туризам и тематската група работеше на тоа со конкретни предлози и анализи. Во Македонија има огромен потенцијал за културен туризам и затоа треба да се направи промоција – рече Селма Наметак координатор на проектот Оксфам.крај/к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

