Свет
Бучковски ќе избира места за протести
Владата ќе го поддржи предлогот на пратениците за измени на Законот за јавните собири и ќе прецизира пред кои објекти граѓаните не ќе може да протестираат, најави премиерот Владо Бучковски на собраниската седница за пратенички прашања.
Владата ЌЕ ГО МЕНУВА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИТЕ СОБИРИ
Владата ќе го поддржи предлогот на пратениците за измени на Законот за јавните собири и ќе прецизира пред кои објекти граѓаните не ќе може да протестираат, најави премиерот Владо Бучковски на собраниската седница за пратенички прашања.
– Погрешно е толкувањето на Уставот дека јавните собири може да се ограничат само во воени или во вонредни услови. Во Уставот пишува и дека никој не смее да ја ограничи слободата на движење на граѓаните. Не може цела Македонија да се држи како заложник со блокади на патишта. Не се ограничуваат јавните собири, туку ќе се регулира каде не смее да се протестира – рече Бучковски.
Владата пред само половина година отфрли таков предлог образложувајќи дека подготвува свој предлог за промена на законот.
Според членот 21 од Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Во членот 27, на кој се повикува Бучковски, се вели дека секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Македонија. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон и тоа единствено заради заштита на безбедноста на државата, ако се води кривична постапка или за заштита на здравјето на луѓето.
Експертите што ги консултираше "Дневник" Тања Каракамишева и Рената Десковска, повикувајќи се на членот 21, рекоа дека никој нема право да ги ограничи јавните собири. Каракамишева изјави дека ако се бара ограничување на јавните собири, прво ќе треба да се смени Уставот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ако помине предлогот, тие на Уставен суд ќе го оспорат Законот за јавните собири. Според предлогот, јавни собири не смее да се одржуваат во близина на здравствени установи, градинки, училишта, на автопат и на магистрален пат и на други места на кои протестите би можеле да ги попречат слободното движење и работата на граѓаните. (М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

