Македонија
Се изготвува нов Закон за здруженијата на граѓани
Во соработка со невладините организации и граѓанскиот сектор, министерството за правда подготвува нов Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, кој ќе биде усогласен со меѓународните закони што се однесуваат на оваа проблематика
На денешната работна средба на Министерството за правда со невладините организации и граѓанскиот сектор, беше потенцирано дека Министерството посебно ги цени иницијативите што ги преземаат организациите, а како доказ на соработката ќе биде и новиот Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Донесувањето на одлуките се очекува до октомври или ноември следната година.„Министерството за правда е подготвено и понатаму да соработува со невладините организации“, рече министерот Михајло Маневски, кој изрази задоволство од работната средба.Како клучни членови во новиот закон, а биле побарани од невладините организации, на средбата се разгледале две одлуки. Едната се однесува на понатамошната либерализација и намалување на административните проблеми, а другата, која е од посебна важност е Статусот од јавен интерес. Според Маневски, овие одлуки ќе донесат продлабочување на односите. Што се однесува на Статусот од јавен интерес, во повеќето европски земји, именувањето на одредена организација како “организација од јавен интерес” укажува на тоа дека организацијата има стекнато одреден “статус”. Таа не се регистрира како одделно правно лице.Исто така, средбата носи новини и во однос на годишната граница на лицата кои можат да основаат здружение на граѓани. Невладина организација ќе можат да основаат и малолетни лица, над 15 години, што за учесниците на средбата значи поттикнување за поголем придонес во граѓанското општество.По иницијатива на Меѓаши ќе бидат донесени измени и дополнувања во Кривичниот законик, што ќе се однесуваат на зголемување на санкциите кон повредувачите на правата на децата. Некои од измените во Кривичниот законик ќе бидат и од превентивна природа, како што е забраната од 10 години право на работен однос за лицата што ќе извршат обљуба на работно место.„Убаво е што законите се донесуваат, но законите треба и да се почитуваат“, порачаа пак, од Националниот совет на жените, кои на средбата укажале на непочитувања во законот, а се однесуваат на правата на жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.

