Свет
Кипарскиот парламент го одби предлогот за данок на штедните влогови
Кипарскиот парламент во вторник го одби предлогот на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) да воведе до 10 отсто данок на штедните влогови на граѓаните, доколку сака да добие европска помош за спас од банкрот, вредна 10 милијарди евра, јавуваат агенциите.
Расправата, која беше одложена во недела и понеделник, се одржа во исклучително тензична атмосфера која владее во земјата, а шансите предлогот да биде усвоен беа минимални бидејќи многу партии најавија дека се противат или дека воопшто нема да учествуваат во гласањето.
На крајот на расправата во парламентот во кој има 56 пратеници, 36 гласаа против предлогот, а 19 беа воздржани. Еден пратеник не присуствуваше на гласањето.
Претседателот на парламентот Јанакис Омиру на почетокот на седницата ги повика пратениците да гласаат против предлогот.
„Одговорот може да биде само – ‘Не на уцената’. Со таа одлука се сака да се изврши само рација на банкарските средства”, рече Омиру, член на социјалистичката партија Едек.
„Имам чувство дека парламентот ќе го отфрли предлогот”, изјави пред новинарите во текот на денот кипарскиот претседател Никос Анастасиадес. Запрашан зошто, одговори „бидејќи чувствуваат и мислат дека тоа е неправедно и спротивно на пошироките кипарски интереси”.
Во случај предлогот да не мине во парламентот, ЕУ најави дека ќе ги блокира ветените 10 милијарди помош, што би предизвикало пропаст на тамошните банки и ќе и оневозможи на државата да исплаќа плати, пензии и да ги подмирува другите обврски.
Затекнати од острите реакции од Кипар и од светот, министрите за финансии на еврозоната во понеделник побараа од кипарската влада од данок да ги изземе штедните влогови до 100 илјади евра, чија сигурност е загарантирана во цела ЕУ, а да ја подигне стапката на оданочување за поголемите сметки за да ги собере потребните пари.
На Кипар за стабилизација на финансиите му се потребни околу 17 милијарди евра, а европскиот предлог првпат во историјата задира во неприкосновеното право на приватна сопственост и бара од Кипар со данокот на штедење да обезбеди дополнителни 5,8 милијарди евра.
Но Анастасиадес го одби ваквото барање, напомнувајќи дека зголемувањето на данокот на поголемите влогови би го загрозило угледот и работењето на кипарските банки, а со тоа и на економијата во целина. Модификуваниот предлог на владата предвидува од данок да се изземат влоговите до 20 илјади евра, со стапка од 6,75 отсто да се оданочуваат влоговите од 20 до 100 илјади евра, а со 9,9 отсто поголеми од 100 илјади евра, иако на тој начин не бис е собрале потребните средства.
„Ако не можеме да гарантираме дека ќе собереме повеќе од 5,5 милијарди, тоа ќе се смета за кршење на договорот и веројатно нема да биде прифатено”, оцени гувернерот на Кипарската народна банка Паникос Деметриадес.
Не е јасно како кипарската влада има намера да ја пополни празнината што ќе настане, но францускиот министер за финансии Пјер Москович веќе рече дека еврозоната не може да му позајми на Кипар повеќе од 10 милијарди евра, бидејќи тој долг би станал неодржлив.
„Со повеќе од 10 милијарди евра доаѓаме до неодржливо ниво на долгот”, рече Москович пред новинарите во Париз.
Во желба да ги спасат вложените пари, штедачите во текот на викендот ги испразнија банкоматите на кипарските банки. Откако во понеделникот не работеа заради празник, кипарските банки останаа затворени и во вторник, а така ќе биде и во среда, а запрени се и сите банкарски трансакции преку интернет. И кипарската берза престана со работа во вторник и среда.
Анастасиадес во понеделникот во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел побара поголема помош од ЕУ, а нов разговор меѓу истите соговорници е најавен за вторник. Во среда во Москва ќе се упати кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис, за да се обиде да договори продолжување на рокот и ублажување на условите за отплата на 2,5 милијарди евра вредниот кредит што Русија му го одобри на Кипар во 2011 година.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот предлогот за воведување на данок на штедните влогови на граѓаните го нарече „нечесен, непрофесионален и опасен”, меѓу другото и затоа што на Кипар многу богати Руси ги чуваат парите. Според разни проценки, висината на руски пари на Кипар изнесува меѓу 15 и 30 милијарди евра, што значи дека руските сопственици на сметки со новиот данок би можеле да загубат до три милијарди евра.
Преседанот на задирање во „светоста на приватната сопственост” како еден од постулатите на западната демократија, не само што ги згрози Кипраните, туку и граѓаните на другите земји во ЕУ, кои се прашуваат дали таквото сценарио може да ги погоди и нивните земји.
Брисел со сите сили се обидува да ја пренесе пораката дека Кипар е единствен случај, бидејќи тоа е единствената земја во која вредноста на банкарскиот сектор далеку ја надминува вредноста на домашната економија и засега не се видливи знаци на паника и масовно повлекување на штедните влогови било каде во Европа.
Граѓаните ги смируваат и политичарите, па холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблоем потврди дека нема потреба да се одредува слична давачка во другите земји од еврозоната.
„Проценуваме дека опасноста од ширење е краткорочно ограничена. Не е баш веројатно дека ова би било модел за други земји членки на ЕУ”, изјави во Франкфурт извршниот директор на Дојче Банк. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за одбрана жестоко го нападна Трамп
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го дека испраќа погрешни сигнали до Владимир Путин и со тоа ја ослабува позицијата на Украина во војната.
Во разговор за радиото „Дојчландфунк“ на четвртата годишнина од војната меѓу Русија и Украина, социјалдемократот, кој е најпопуларниот политичар во Германија според неодамнешните анкети, рече дека ставот на Трамп кон Кремљ ја зголемил самодовербата на Путин.
„За жал, американскиот претседател влијаеше на текот на војната и самодовербата на Путин кога му го распосла црвениот тепих и го пречека како пријател во Алјаска, а во исто време целосно ја напушти воената поддршка за Украина“, рече Писториус.
Трамп се сретна со Путин во Алјаска во август 2025 година, без учество на европските лидери. Средбата предизвика загриженост во Европа бидејќи создаде впечаток дека Вашингтон се обидува да ја заврши војната без да ја вклучи Украина и нејзините европски сојузници.
Трамп го смени својот тон неколку пати за време на неговиот мандат за војната во Украина, а на четвртата годишнина од војната, тој не издаде јавна порака за поддршка на Украина.
Писториус, исто така, ја критикуваше Белата куќа за предвремено исклучување на можноста за членство на Украина во НАТО од преговорите.
„Американскиот претседател, за жал и непотребно, многу рано го тргна членството во НАТО од масата. Тоа беше една од темите што можеше да се искористи за преговори за други прашања“, рече тој.
Ова не е прв пат Писториус јавно да ја критикува политиката на Трамп кон Украина. Минатата година, тој исто така изјави за радиото „Дојчландфунк“ дека претседателот „погрешно го проценил“ своето влијание врз Путин за време на разговорите за прекин на огнот.
Најновите изјави доаѓаат неколку дена пред посетата на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Вашингтон. Мерц објави дека ќе презентира „заеднички европски став“ за трговијата во САД, откако Трамп одлучи да ги зголеми глобалните тарифи на 15 проценти.
фото/Depositphotos
Свет
Франција е единствената во ЕУ со нуклеарно оружје, Макрон најави важен говор за тоа
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ќе го одржи долгоочекуваниот говор за пет дена за придонесот на француското нуклеарно одвраќање кон безбедноста на европскиот континент, како дел од борбата против глобалните геополитички превирања, објави денес Елисејската палата.
Тој ќе зборува во церемонијална поставка на полуостровот Ил Лонг во Бретања, каде што се наоѓаат четири подморници со нуклеарен погон со балистички ракети, кои го претставуваат поморскиот елемент на француското нуклеарно одвраќање, заедно со стратешките воздухопловни сили.
„Ова ќе биде важен момент во неговиот мандат. Несомнено ќе има некои значајни случувања“, рече извор близок до претседателот, кој не сакаше да открие повеќе детали.
Говорот ќе биде еден вид продолжение на неговото јавно обраќање од 7 февруари 2020 година, кога им предложи на Европејците „стратешки дијалог“ во врска со „улогата на француското нуклеарно одвраќање“ во колективната безбедност на Европа и заедничките вежби во оваа многу чувствителна област на националниот суверенитет.
Франција е единствената членка на Европската Унија што поседува нуклеарно оружје, а покрај неа, само Велика Британија има нуклеарно оружје на Стариот континент. Сите други европски земји се заштитени од проширеното американско одвраќање што функционира во рамките на НАТО.
Ваквите говори се обврска на секој француски претседател, кој е и врховен командант на вооружените сили и конечен донесувач на одлуки во врска со нуклеарното оружје, а Франција ги смета за крајна гаранција за своите витални интереси. Претседателот Макрон е должен да одржи еден таков говор како дел од секој од неговите два петгодишни мандати.
фото/Depositphotos
Свет
Фотографија од Стивен Хокинг од Девствените Острови се појави во досиејата на Епстин
Нова серија документи поврзани со Џефри Епстин, објавени од Министерството за правда на САД, вклучува фотографија од покојниот британски физичар Стивен Хокинг. На сликата, Хокинг е прикажан како се релаксира на лежалка со две жени во бикини. Познатиот научник, кој страдаше од екстремно прогресивна невромоторна болест – амиотрофична латерална склероза (АЛС) и беше врзан за инвалидска количка повеќе од 50 години, почина во 2018 година на 76-годишна возраст.
Иако не е точно познато каде е направена фотографијата, познато е дека Хокинг учествувал на научна конференција организирана од Епстин во 2006 година, пишува The Times. Настанот се случил пет месеци пред финансиерот да биде обвинет за проституција со малолетници. Хокинг беше еден од 21 научник кои го посетија Сент Томас на Девствените Острови и приватниот остров на Епстин, Малиот Сент Џејмс.
На блогот на Фондацијата Џефри Епстин VI се вели дека гостите се собрале за да „разговараат, да се релаксираат на плажа и да патуваат до блиското приватно островско одморалиште на научниот филантроп Џефри Епстин, кој го финансираше настанот“. Конференцијата се одржа во хотелот со пет ѕвезди „Риц-Карлтон“ на Сент Томас, каде што ноќевање наводно чинело 1.600 долари. Се чини дека гостите престојувале и на Сент Томас и на Малиот Сент Џејмс, каде што Епстин лично ги угостил.
Хокинг претходно се појави на фотографии поврзани со Епстин. Една, објавена во 2015 година, го покажува на отворено со неколку други гости, додека друга го покажува на подморничка турнеја низ водите околу Малиот Сент Џејмс.
Епстин наводно го адаптирал возилото за да може и Хокинг да го користи. Во повеќе од 3,5 милиони документи, Хокинг се споменува најмалку 250 пати, но важно е да се напомене дека самото споменување во документите поврзани со Епстин не се смета за доказ за извршување на кривично дело.
фото/US Justice Department

