Македонија
Кенинг: Забележуваме култура на страв во македонското новинарство

Потребна е почит за работата на новинарите и тие не треба да бидат отпуштани тукутака, вели Арне Кенинг, претседател на Европската федерација на новинари.
Потребна е почит за работата на новинарите и тие не треба да бидат отпуштани тукутака, вели Арне Кенинг, претседател на Европската федерација на новинари.Преставници од оваа организација престојуваат во Скопје, каде денеска одржуваат средба со преставници на Синдикатот на новинари и медиумски работници, како и со преставници на сродни синдикати од Германија, Хрватска, Србија и Бугарија.Кенинг вели дека новинарството треба да биде за јавно добро, а не да штити интереси на одредени бизнис кругови или политички елити. „За жал, новинарите тука, во Република Македонија се соочуваат со истите проблеми со кои се соочуваат новинарите во регионот. Вие сте дел од една погоглема шема што ја гледаме низ Европа. Но, јасно е дека имате многу специфични проблеми. Во оваа кратка посета, она што можевме да го забележиме е дека има култура на страв. Треба да има почит за новинарите што си ја вршат работата, и не можете едноставно да отпуштате луѓе како што тоа вие го правите во вашата земја. Исто така, многу сме загрижени од фактот што е многу тешко да се организираат новинарите, според закон и во реалноста, поради стравот по нивната безбедност и за нивната работа“, рече Кенинг, кој истовремено изрази задоволство од започнатиот дијалог меѓу Здружението на новинари на Македонија и властите.„Оваа посета се реализира во исклучително тешка година за македонските медиумски работници. Процените, и тоа конзервативни процени, се дека во неполна година без работа останаа 300-400 наши колеги кои работеа во медиумите. Закани, стечаи, откази…., се наше секојдневие. Медиумите се затвораат, се казнуваат сите што се обидуваат да протестираат“, рече Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ.Средбата се одржува во пресрет на утрешното годишно собрание на синдикатот. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Акција во мотел во Тетово: Приведено лице за проституција, повреден е полицаец

Полициски службеници од СВР Тетово спречија трагичен крај на млада девојка и истовремено приведеа маж под сомнение за посредување во проституција.
Интервенцијата се случила околу 14:35 часот, по пријава од лице со иницијали Л.К., кое пријавило недоразбирање со женско лице кое не сакало да го напушти мотелот. Кога полицијата пристигнала на терен, било утврдено дека девојката стоела на работ од прозорецот во собата, заканувајќи се дека ќе скокне или ќе се повреди.
По наредба на јавен обвинител, полицајците ја отвориле вратата со сила и успеале да ја спречат девојката во нејзината намера. Таа веднаш била пренесена во Клиничката болница во Тетово за лекарска помош.
Во акцијата, еден полициски службеник се здобил со полесни повреди.
Полицијата во меѓувреме го лишила од слобода Л.К. под сомнение за посредување во проституција. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Македонија
Ангелов ги замоли газдите на викендички да се заштитат од пожари: Со мотокултиватор или трактор нека изораат мек појас околу дворовите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, апелира сопствениците на викендички и куќи надвор од градските средини да преземат мерки за заштита од пожари.
„Ги замолуваме сите граѓани кои имаат викендички или куќи, реновирани куќи во напуштени или запоставени села, но и оние кои живеат во последните куќи во населбите и селата вклучително и оние околу градот Скопје, да ги исчистат своите дворови од вегетација. Нека изораат со мотокултиватор или трактор или веќе ако имаат трева таа нека биде одржувана и зелена, што е прилично тешко во месец јули во Македонија. Исто така и од надворешна страна на дворот нека изораат, нека има по неколку метри мек појас кој нема вегетација бидејќи од она што можеме досега да го видиме постои опасност никој да не биде поштеден од соочување со огнот“, рече директорот Ангелов и нагласи дека бројот на пожари што го имаме е навистина висок.
Во последното деноноќие се регистрирани вкупно 40 пожари. Од нив 33 се изгаснати, два се ставени под контрола, а пет се активни.
Македонија
Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес

Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.
Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.
„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.
Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари.