Економија
СБ ќе соработува со Владата на програма за климатски промени и земјоделство
Светска банка (СБ), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија ги здружија силите во насока на намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени.
Светска банка (СБ), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија ги здружија силите во насока на намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени.
Со програмата се предвидува извршување на детална анализа на влијанијата на климатските промени врз земјоделството и идентификување на мерки за прилагодување кои би биле реални за земјата. Оваа програма ќе биде управувана од страна на Светска банка и поддржана со околу 350.000 американски долари во вид на грантови од Светска банка, партнерството помеѓу Светска банка и Холандија, и фондот за еколошки и социјално одржлив развој.
Климатските проекции за во иднина предвидуваат потопла, посува и попроменлива клима во најголемиот дел од земјата. Овие промени можат да имаат значително влијание врз земјоделците и ја нагласуваат потребата за развивање и спроведување на активности за зголемување на отпорноста на земјоделството во однос на климатските ризици.
Освен намалување на ризиците поврзани со идните загуби на продуктивноста во еден од клучните сектори на економијата, со оваа програма исто така се унапредуваат целите на земјата за интеграција во ЕУ.
Како што рече Маркус Репник, Менаџер на канцеларијата на Светска банка во Македонија: „Да помагаме на земјите да се подготват за климатските промени е еден од глобалните приоритети на Светска банка, а бидејќи земјоделството е многу важно и многу ранливо во однос на климатските промени, ќе ја поддржиме Владата и земјоделците во насока на развивање на поотпорно земјоделство.”
Во претстојните месеци, Светска банка ќе ја поддржи Владата и националните институции во прилагодувањето на земјоделските политики, програми, и инвестиции кон климатските промени.
Со заеднички напори на национални експерти и тим од светски признати експерти од Европа и Северна Америка ќе се спроведе деталната анализа и ќе се изготват изводливи и економични мерки за прилагодување.
Еден од резултатите на оваа програма ќе биде мени на можни мерки за прилагодување скроени во согласност со конкретните потреби на фармерите во секоја од областите на Македонија посебно. /крај/со/ит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.
Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.
Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.
Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.
Економија
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: финансиската стабилност е зачувана
Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците. Овие оцени беа дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствуваа Трајко Славески, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседател на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови. Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и непречено го извршуваше финансиското посредување. Банките работеа во постабилен амбиент, но и натаму имаше неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики. Во овој период е забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
„Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат. Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови“, посочи гувернерот д-р Трајко Славески.
„Одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии. За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво. Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година. Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација. Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици. Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем.
Во своето излагање, Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, заклучи дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот. За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година. Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето. Воедно, АСО започна со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење и претпазливо управување со ризиците од страна на финансиските институции, како и при водењето на економските и финансиските политики, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во наредниот период.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.



