Македонија
Протестите во Ѓорче Петров ставени под контрола, приведени 27 луѓе
Полицијата приведе 27 луѓе кои во вторник попладне учествуваа во протестите во скопската населба Ѓорче Петров, соопшти на прес-конференција помошник министерот за информирање во МВР Иво Котевски.
Од МВР велат дека протестите се ставени под контрола и дека на улиците низ Ѓорче Петров се останати помал број граѓани, кои не предизвикуваат инциденти.
„Штабот кој што беше формиран за следење и обезбедување на протестите информираат дека истите поминале без поголеми нарушувања. Досега официјално нема пријави за повредени лица, ниту пријава за поголема материјална штета”, соопшти во вторник вечер Иво Котевски.
Неколку стотици граѓани во вторникот организираа протести во знак на револт поради убиството на 18 годишниот Ангел.П., кој во понеделникот беше прободен со остар предмет во пределот на градите во близина на Европската очна болница.
Осомничениот за убиството, 19 годишен жител на селото Грчец, по кратко време бил приведен, а во вторник попладне судот му одреди едномесечен притвор.
Протестот ескалираше во судир меѓу демонстрантите и полицијата, при што неколку лица биле повредени.
Полицијата повеќе детали за овој случај најави за среда. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДС лаже, ИПАРД 3 го запре Владата потврди и делегацијата на ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ
За прв пат во историјата на државата, институциите преземаат мерки за корупција за кој главен осомничен е актуелен директор без притоа тие да постапуваат по претходен голем притисок на медиумите и јавноста, како што беше во време на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владатa, како што додаваат, го санкционира коруптивното поведение на актуелни функционери без затоа да има јавен скандал.
„Во време на СДС, свиркачи и медиуми вадеа документи, видеа и аудио снимки од криминали за тогашни функционери, а Заев, Ковачевски и Филипче не само што не ги менуваат, туку и ги штитеа и вршеа притисок врз институциите да не отворат постапки“.
Во делот на манипулациите на СДС дека министерот Трипуновски треба да сноси одговорност, од владејачката партија нотираат дека станува збор за посебна институција која во своето менаџирање е самостојна.
„Во делот на лагите дека ИПАРД е блокирана од ЕУ, нема поголем демант од ставот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, кои наведоа:
“Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари – велат од Делегацијата.”
По ова, секој нареден прес на СДС може да се земе единствено како димна бомба за сокривање од партиските превирања и несогласувања во СДС и се посилните барања за оставка на Филипче“.
Македонија
Положено цвеќе пред споменикот на Драго Маневски, македонски бранител и припадник на безбедносните сили
Со положување свежо цвеќе пред спомен-плочата на припадникот на македонските безбедносни сили, Драго Маневски, беше одбележана 24-годишнината од неговата смрт.
Делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, положи свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот бранител и херој од 2001 година.
Драго Маневски, роден во Марино во 1966 година, го загуби животот на 11 ноември 2001 година во село Требош, како припадник на безбедносните сили на Република Македонија, борејќи се за својата татковина.
Македонија
Алиу: Годинава обезбедени 58 лека за 430 пациенти со ретки болести
Министерот за здравство Азир Алиу заедно со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ одржа прес-конференција по повод симпозиумот во рамките на кампањата „Ти си редок херој“ со заедничка цел да го унапредиме знаењето и практиката во раното препознавање и дијагностицирање на ретките болести.
„Ретките болести не се ретки за тие што живеат со нив. Оваа тема е од особена важност бидејќи матичните лекари како прва точка на контакт со пациентот имаат клучна улога за рано откривање и насочување на лицата со сомнеж за ретка болест. Во рамките на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдромот. Во регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација“, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу.
Најави дека во следниот период Министерството ќе работи на неколку приоритети, меѓу кои процена и анализа на достапната опрема за дијагностика на ретките болести во јавните и приватните здравствени установи, ажурирање на листата на лаборатории во кои се изведуваат биохемиски и генетски тестови, со посебен фокус на континуирана едукација на докторите, особено на лекарите по семејна медицина и на специјалистите за навремено препознавање, дијагностика и превенција на ретките болести, како и воспоставување јасна патека за движење на пациентите на примарно, секундарно и терциерно ниво во согласност со медицина базирана на докази и европските протоколи.
„До Владата веќе е доставена националната стратегија за ретки болести, која очекуваме да биде усвоена до крајот на годината. Таа стратегија ќе биде основен документ за подобрување на квалитетот на животот на лицата со ретки болести, и тоа не само преку терапија, туку и преку психосоцијална поддршка, рехабилитација и инклузија. Наша заедничка заложба како систем, како професионалци и како општество, е да обезбедиме навремена дијагностика, современ третман и достоинствен живот за секој пациент“, истакна Алиу.

