Македонија
Пердју: Рамковниот договор ја придвижи Македонија напред
Џејмс Пердју, поранешниот заменик-генерален секретар за операции во НАТО, во 2001-та година, како „олеснувач“ во преговорите меѓу македонската и албанската страна го креираше Охридскиот рамковен договор.
Џејмс Пердју, поранешниот заменик-генерален секретар за операции во НАТО, во 2001-та година, како „олеснувач“ во преговорите меѓу македонската и албанската страна го креираше Охридскиот рамковен договор.
Десет години по потпишувањето на договорот во интервју за Дојче Веле, Пердју вели дека Рамковниот договор ја придвижи Македонија напред кон полна демократија, права на граѓаните, признавање на културниот и етничкиот идентитет на луѓето во земјата.
„Јас сум многу задоволен поради спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Беше тешко да се преговара, но беше многу потешко да се применува, а тоа е она што е важно“, вели Пердју.
Во однос на критиките за договорот кои се појавија изминатите години во Македонија и забелешките дека не само што не се спроведува туку и не е добар инструмент за заштита на етничките права на Албанците и другите заедници, Пердју вели дека основните начела на охридскиот документ за еднаквите права на граѓаните и признавањето на културниот идентитет се реализирани во голема мера и ја придвижуваат Македонија напред.
За него е разочарувачки што Македонија сé уште не е членка на НАТО и ЕУ, но се надева дека земјата ќе го надмине спорот со Грција и ќе се приклучи кон останатиот регион.
За тоа во колкава мера е спроведен Рамковниот договор и тврдењата на поранешниот премиер и еден од потписниците, Љубчо Георгиевски, дека „договорот е реализиран речиси 90 проценти, а во некои поглавја е и надминат“, Пердју вели дека не може да зборува за проценти.
„Не е совршено. Примената на Рамковниот договор беше голем проблем, во тој поглед тоа е некаде на средината. Но, сепак, Македонија добива добри оцени поради оживотворувањето на Рамковниот договор“ додава Пердју.
Тој е на став дека Охридскиот договор може да претставува модел за надминување на етничките конфликти и во други кризни региони во светот“.
„Рамковниот договор е веќе употребен не како обврзувачки документ, туку како модел, кој другите го користат во други подрачја. Мислам дека Марти Ахтисари го искористи Охридскиот договор за своите принципи за Косово. Сметам дека тој се аплицира веројатно и во други региони. Направена е навистина добра работа во признавањето на правата и привилегиите на малцинствата“, рече Пердју.
Во врска со изјавите на некои лидери на релевантни албански политички партии дека Рамковниот договор треба да се прошири со нов корпус албански етнички барања, Пердју одговори дека овој договор е завршен.
„Сега им преостанува на Македонците да работат на прашањата кои се надвор од него. Кога велам „завршен“, мислам дека нема да биде отворен за повторни расправи и дека тоа прашање е во рацете на Македонците и на етничките Албанци, за да биде решено“ вели Пердју. /крај/дојчевеле/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трендафилов обвини дека му ги следат децата, ВМРО-ДПМНЕ му одговори да не глуми жртва на политички прогон
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше по објавеното видео со неговите деца од страна на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ. Тој изјави дека нема да дозволи, како што рече, монструмите кои седат во пратеничките клупи и кои снимаат малолетни деца да го заплашат и ги повика надлежните да го решат случајот.
„Нема да потклекнам. Нема да се предадам сѐ додека не ги зголемат работничките плати. Но ќе дозволите да зборувам за монструмите оние кои не се под детските кревети, туку оние кои седат во пратеничките клупи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија, тие се околу сите нас. Министерот за внатрешни работи и обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Истата Дафина која некои ја знаат како богаташка, која ги објави моите деца за да може сите да ги оцрнуваат и да ме уценуваат“, рече Трендафилов.
Тој смета дека со објавување на неговите деца, некој се обидува да го заплаши.
„Мислејќи дека ако ме следат и преку објавувањето на моите деца ќе ме заплашат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ било тоа“, рече Трендафилов.
Тој кажа и дека премиерот наместо да дава изјава дека е само почеток со заканите кон неговите деца и неговото семејство, треба да даде оставка или најмалку да ја разреши пратеничката Стојаноска.
„Во нормална држава, владата за вакви работи паѓа“, рече Трендафилов.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов да не глуми жртва на политички прогон и доколку смета дека му е загрозена приватноста да пријави во надлежните институции.
„Фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон. Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека според нивни сознанија, Трендафилов добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци.
„Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Подзаконскиот акт за канабис во колизија со законот, власта на СДС го донела спорниот правилник
Познанството со Зоран Заев и Венко Филипче, како и блискоста со СДС биле најважен критериум за апликантите за добивање на лиценца за медицински канабис, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ,
Според него, не можел кој било да извади таква лиценца, затоа што тоа било резервирано за луѓето блиски до кланот Заеви и до Филипче и затоа, како што вели, во струмичкиот регион во Македонија има најмногу фабрики за марихуана за медицински цели.
„За да им тече бизнисот и да ги вртат милионите, Заев и Филипче во 2020 година планираа целосно легализирање на марихуаната и со тоа сакаа Македонија да ја прават светска туристичка атракција. За среќа на граѓаните, овој обид не им успеа, а сега гледаме и која им била целта. Дека ова било планирано во главите на Заев и Филипче, се гледа во подзаконскиот акт, односно Правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во времето на власт на СДС, кој е во колизија со законот, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите. Со ова, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое се произведува не може да биде лиценцирано, а најмалку да се најде во промет. Ги прашуваме Заев и Филипче, кој бил мотивот за ова? Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Затоа ли Заев и Филипче овие денови се толку испаничени? Затоа ли Заев излезе да го брани неодбранливото, додека во тоа време Филипче се упати кон Грција да се види со него? И дали Заев и Филипче стојат позади промената на Правилникот?“, праша Петрушевски.
Тој повторно побара обвинителството да го истражи случајот до крај.
Македонија
Градинката „Мајски цвет“ во завршна фаза на реконструкција
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршија увид во тековните градежни активности на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.
„Станува збор за темелна реконструкција со која значително се унапредуваат функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Проектот претставува капитална инвестиција на Владата на Република Северна Македонија, реализирана преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Општина Карпош“, соопштија од Општината.
Од таму велат дека поради појава на дополнителни и непланирани градежни зафати, рокот за завршување е продолжен од оправдани причини, при што Општина Карпош обезбеди и дополнителни средства за комплетирање на реконструкцијата.
Во координација со Министерството, поднесена е и апликација за набавка на потребна опрема, со цел градинката што поскоро да биде ставена во функција.

