Вести
Руски Су-34 уништил борбени позиции на IS во сириската област Саф-Сафа

Повеќенаменскиот тактички ловец бомбардер од типот „Сухој-34“ уништил борбени позиции на терористичката групација Исламска држава во сириската област Саф-Сафа, објави во четвртокот руското министерство за одбрана.
„Во областа Саф-Сафа руски борбен авион ‘Су-34’ уништил борбена позиција на терористите“, се наведува во соопштението.
Од 30-ти септември Русија започна по барање на нејзиниот сојузник сирискиот претседател Башар ал-Асад со воздушни операции врз позициите на Исламската држава којашто држи околу 60 отсто од територијата на Сирија, но Западните земји тврдат дека најголемиот дел од руските напади се насочени кон вооружената сунитска опозиција којашто тие ја нарекуваат „умерена“ и ја вооружуваат во борбата против владините сили.
Руските воздушни сили во Сирија во својот состав ги имаат јуришните авиони за поддршка на боиште во борби против оклопни единици во прв ред тенкови „Су-25“, тактичките ловци-бомбардери „Су-25М“ и „Си34“, а во воздух се штитени од ловците „Су-30СМ“.
Според последните извештаи на руското министерство за одбрана, руската авијација од почетокот на операциите во Сирија извршила 112 удари врз командни центри, кампови за обука, магацини со оружје, муниција, експлозиви и гориво. Покрај тоа, во средата руската Касписка флота од оддалеченост од повеќе од 1.500 километри истрела врз цели на сириска територија 26 крстосувачки ракети, чија прецизност е плус/минус 5 метри од целта.
Целите се избираат според податоците од разузнавањата на Сирија, Русија, Ирак и Иран кои се слеваат во неодамна воспоставениот заеднички разузнавачки центар во ирачката престолнина Багдад.
Официјален Дамаск тврди дека исклучиво цели на нападите се инфраструктурата на терористичките групации, во прв ред Исламската држава, и ги отфрла наводните извештаи на неформални опозициски групи во странство дека во руските удари имало цивилни жртви. Амбасадорот на Сирија во Москва, Ријад Хадад, изјави дека од почетокот на руските удари се уништени околу 40 отсто од инфраструктурата на Исламската држава.
Како што претходно изјави во четвртокот портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков, изминатата ноќ руските авиони во Сирија извршиле 22 борбени летови во кои биле гаѓани 27 цели./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.