Македонија
Американската компанија Royal Gold вложува 175 млн долари во развој на рудникот за бакар и злато во Иловица
Канадската компанија Euromax Resources Ltd. склучи Договор за откуп на произведено злато со RGLD Gold AG, подружница во целосна сопственост на американската компанија Royal Gold, вреден 175 милиони долари за дополнително финансирање на следните фази на развој и изградба на проектот за бакар и злато Иловица во Македонија.
Исплатата на средствата според Договорот ќе се реализира во три транши и тоа, првата транша во износ од 7.5 милиони УСД ќе биде исплатена во период од 90 дена од денот на потпишување, втората транша од 7.5 милиони долари една година од денот на потпишување и третата транша од 160 милиони долари, ќе се реализира до капитализирање на проектот.
Првите две транши од Договорот за откуп на произведено злато ќе се искористат за продолжување на развојот на Проектот во однос на дозволите за Проектот и завршување на Дефинитивна Физибилити Студија („DFS“) и инженерски дизајн („FEED“) планирани за 2016 година. Третата транша треба да се користи за финансирање на сите капитални расходи на Проектот, пропорционално со други извори на финансирање.
Според Договорот за откуп на произведено злато, Euromax ќе испорача физичко злато во износ еднаков на 25% од златото за исплата произведено од Проектот додека да се испорачаат 525.000 унци на Royal Gold и 12,5% до крајот на животниот век на рудникот. Royal Gold ќе го купува испорачаното злато во готово во вредност од 25% од фиксната пазарна London PM цена на златото на London Bullion Market Association на денот на испорака за секоја испорачана унца и ќе се примени платниот биланс како одбиток од авансот од 175 милиони долари. Нема да се пресметува камата на авансното плаќање.
Коментирајќи во врска со ова соопштение, Varshan Gokool, главен финансиски директор на Euromax Resources UK Limited, рече:
„Задолжувањето со 175 милиони долари соопштено денеска е многу подалекусежно од едноставно регулирање на потребите за финансирање на Фаза 1 и ни овозможува да се држиме до програмите DFS и FEED за испорака во 2016 година. Во согласност со нашата стратегија за финансирање, успеавме да ја мултиплицираме вредноста на основните средства на Иловица и со тоа да го минимизираме распрскувањето на вредноста на акционерите. Важно е дека стримингот претставува само 14% од нашето производство на злато и ќе задоволи 31% од нашите очекувани капитални расходи за изградба и понатамошно ќе го подобри внатрешниот поврат на средства на Проектот“.
Исплатата на средствата од втората и третата транша ќе биде реализирана доколку Royal Gold е задоволен со напредокот и крајните резултати на DFS и оцената на влијанието врз животната средина и социјалните услови и резултатите во тој момент, како и од позицијата на Проектот во однос на релевантните дозволи и пристапот на Euromax до доволно финансиски средства за да се заврши DFS и да се обезбедат сите неопходни одобренија за развој и на сите трошоци за градба.
Коментирајќи во врска со ова соопштение, Steve Sharpe, претседател и главен извршен директор, рече:
„Одушевени сме што можеме да ги вклучиме Royal Gold како долгорочни партнери во Иловица. Ние веруваме дека нивната вклученост, која следи по опсежната техничка, еколошка и правна длабинска анализа, е силна поддршка за проектот Иловица“.
Во предфизибилити студијата за локалитетот Иловица и Штука се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според преценките, има присуство на 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини истражувањата потврдуваат искористување од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Според податоците, површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони годишно. Просечното годишно производство ќе биде 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.
Еуромакс поседува две концесии и тоа, концесија за експлоатација која опфаќа простор од 1,68 км2 и концесија за детални геолошки истражувања на друга соседна локација која се простира на 3,27 км2. Рудникот за бакар и злато треба да започне со работа во 2017 година, а вкупните инвестиции за реализација на оваа грин-филд инвестиција се 500 милиони долари.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

