Македонија
Адеми: Одговорот на писмото за намери не е одобрение за работа на Метрудхем
Министерството за животна средина работи според законите во Македонија, на секое поднесено писмо со намери одговара, но тоа не е одобрение за почеток на работа
Министерството за животна средина работи според законите во Македонија, на секое поднесено писмо со намери одговара, но тоа не е одобрение за почеток на работа, рече министерот за животна средина Абдулаќим Адеми, во вторникот во Велес, додавајќи дека секој инвеститор е должен прво да ги исполни сите еколошки стандарди, па потоа следи дозволата за работа. „Министерството не донесе решение за рестартирање на Топилницата“, рече министерот за Адеми. На средбата со Зелената коалиција, Oдборот за спас на Велес, министерот за животна средина Адеми вети дека јавно и транспарентно ќе бидат донесувани сите одлуки во врска со Топилницата. Во идните постапки, како што рече, ќе биле вклучени невладините здруженија и граѓаните на Велес.На забелешките од „зелените“ дека во решението нема наведено алтернативна локација, Адеми одговори дека сé додека не ја добијат комплетната студија за оценка на влијанието врз животната средина, не можат да бараат алтернативна локација, ниту, пак, да му кажат на инвеститорот што да прави.„За секоја постапка, за секоја одлука што ќе ја донесеме во врска со Топилницата ќе биде информирана Владата. Нема да дозволиме да се повтори историската грешка во Велес“, рече министерот Абдулаким Адеми.Општината, зелените и граѓаните и натаму будно ќе ги следат сите постапки на министерството и на Метрудхем, беше порачано од средбата во Велес..„За сите документи, решенија и одлуки што ќе бидат донесени во врска со Топилницата бараме да бидеме информирани. Ние и натаму будно ќе ја следиме секоја постапка како на министерството така и на Метрудхем“, рече градоначалникот на Велес, Горан Петров. Министерот Адеми информираше дека тендерот за отстранувањето на згурата од депонијата, распишан минатата година, поради незаинтересираност, е поништен. Најави дека годинава министерството повторно ќе распише тендер со цел овој загадувач да биде отстранет./крај/ли/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавен предлог-списокот за лектири за основно образование, МОН повика на јавна дискусија за негово дефинирање
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за новиот предлог список за лектири за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Потребата од ажурирање, како што велат од МОН, произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Се додава дека одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.
„Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“, велат од МОН.
Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: [email protected] најдоцна до 30 ноември 2025 година.
Македонија
До ДИК поднесени приговори за резултатите во Брвеница, Шуто Оризари и Карпош
До претпладнево, во Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, одржан во неделата, на 2 ноември.
Хаким Рамадани кој беше поддржан од коалицијата Влен за градоначалник на Брвеница, поднел приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите на избирачките места 2034, 2033, 2032 и 2035 во Брвеница.
Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари, а приговори поднел и Сојузот на Ромите.
Приговори поднела и коалицијата „Искуство за успех“ за две избирачки места во Карпош.
Рокот за поднесување на приговори истекува денеска во 16:30 часот, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати.
Македонија
„Влен“: Ако за ДУИ промената значи само смена на координаторот Беџети, тогаш го запечати својот политички крај
Движењето ВЛЕН во соопштение оцени дека дебаклот бил јасен како ден и дека ДУИ е избришана од политичката карта.
„Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат. Наместо да го прифатат крајот, тие измислуваат теории на заговор како што некогаш правеше нивниот пријател кој сега живее во егзил, Никола Груевски. Тие измислуваат имагинарни непријатели и следни ‘виновници’, но никогаш себеси. Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека најавите за анализа во партијата не се искрени:
„Велат дека ќе ‘анализираат’. Но, каква анализа е ова, кога пред јавноста се појавуваат истите лица што ја уништија партијата? Наместо размислување, тие продолжуваат со пропаганда. Блерим Беџети повторно се појавува на сцената, човекот кој симболизира сè што Албанците го отфрлија: ароганција, неморал и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со секое јавно појавување, ДУИ уште еднаш го запечатува својот неуспех, докажувајќи дека повеќе нема идеи, нема морал и нема луѓе што можат да ја спасат од колапс.“
Во соопштението се вели и дека најавените реформи во ДУИ се само формални:
„Сега дури се двоумат да го употребат зборот ‘реформа’ и да го заменат со формулата ‘да им се даде простор на новите генерации’. Но, како го започнуваат ова? Со тоа што како знак на промена објавуваат дека Блерим Беџети повеќе нема да биде координатор на пратеничката група! Ова е ‘реформата’ што ДУИ ја ветува за поместување на столчињата, но не и на луѓето кои две децении станаа синоним за ароганција и злоупотреба. Ако за нив ‘промената’ започнува и завршува со Блерим Беџети, тогаш ДУИ го запечати својот политички крај,“ завршува соопштението на ВЛЕН.

