Македонија
Правoславните верници го одбележуваат Свети Трифун – заштитник на лозарите и градинарите

Православните верници во четврток -14 февруари го празнуваат Свети маченик Трифун кој е светец – заштитник на градинарите и на лозарите.
Овој празник е познат по традиционалното обредно закројување на лозјата. Се верува дека Свети Трифун е заштитник на лозарите и градинарите и дека ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.),Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување. Денешниот ден ќе биде одбележан со бројни манифестации во винските региони. Претседателот Ѓорге Иванов заедно со амбасадорите на Aмерика , Велика Британија, Франција, Унгарија, Полска и Словачка ќе закројува во струмичко Босилово. Во тиквешијата денот на лозарите ќе биде одбележан со прослава во Кавадарци и Неготино и дегустација на одбрани вина. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и помошник директорот на Меѓународната организација за лозарство и вино Јан Јубан ќе присуствуваат на традиционално закројување на лозје во овој крај. Во пресрет на Свети Трифун Државниот завод за статистика објави дека просечен Македонец годишнми пие 2 литри вино и 0,9 литри ракија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Идентификувани 20 лица осомничени за подметнување пожари во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад целиот овој процес“, изјави Мицкоски додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка, која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје рано утрото во 4.30 часот.
„Видовте колку дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ што сакаат да внесат страв и паника пред изборите“, рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крајот – повторно ќе победиме“, порача Мицкоски.
Македонија
Идните рудари и инженери од Македонија, Хрватска и од Норвешка на практична обука во „Булмак 2016“

Компанијата „Булмак 2016“ од Пробиштип, која управува со рудниците „Злетово“ и „Тораница“, активно вложува во образованието преку практична настава и опремување стручни кабинети во средните училишта. Во партнерство со училиштата „Наум Наумовски-Борче“ (Пробиштип) и „Коле Нехтенин“ (Штип), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“, компанијата овозможува реална обука за ученици и студенти од геолошко-рударската, машинската и од техничката струка.
Секоја година над 30 средношколци и десетина студенти добиваат можност да учат директно во производствените погони, облечени во рударска униформа и со ламба во раката – симбол на нивниот прв чекор во професијата. Практичната настава се реализира со сертифицирани ментори од областа на рударството, геологијата, електротехниката и машинството.
„Булмак 2016“ не обучува само млади од Македонија – туку и студенти од Хрватска и од Норвешка, кои преку научни екскурзии добиваат можност да се запознаат со современите рударски технологии и процеси. Оваа интернационална соработка ја позиционира компанијата како регионален центар за практична инженерска обука.
Покрај теренската обука, „Булмак 2016“ активно поддржува и опремување стручни кабинети во училиштата, овозможува стипендии за ученици, а за студентите од повисоките години – вработување и поддршка за магистерски и за докторски трудови.
Со оваа програма компанијата не само што го продолжува рударското наследство во регионот туку создава генерации млади инженери и техничари подготвени за современи предизвици – дома и во Европа.
Македонија
Адеми: Мицкоски сака да биде тој што одлучува за и во име на Албанците

Синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред целата јавност јасно ја откри суштината на својата политика: „Целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена“. Со Ова Мицкоски ја потврди веродостојноста на сè она што ДУИ го зборува со месеци, Мицкоски сака да биде тој што одлучува за и во име на Албанците, истакна на прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Како што вели, идејата на Мицкоски, кој е маша во рацете на српскиот свет, е да спречи обединување и моќно претставување на Албанците. Само така, додава Адеми, ќе може тој и неговите патрони од северот да продолжат да го понижуваат албанскиот народ, а во власта да имаат понижени и слаби албански политичари како „Вреди“, кои ќе молчат само за да ги зачуваат своите фотелји.
„Мицкоски не сака да победи на избори, туку да избрише цела една политичка идеја за рамноправност, цел еден народ од јавниот и од политичкиот живот на Македонија.
Кога Мицкоски вели „ДУИ да исчезне“, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ќе ги претставува. Тој вели дека е време некој друг – поточно тој – да одлучи кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење, кое опасно ќе му се удри од глава.
Мицкоски треба да знае дека Албанците сами избираат кој ги претставува и дека со овие изјави ја отвори вратата на пеколот, кој му следува на 19 октомври. На 19 октомври неговите пудлици од „Вреди“ ќе претрпат стравотен пораз. На 19 октомври Мицкоски ќе ги дознае моќта и поривот на Албанците да не трпат наметнати решенија. Еднаш вака згреши Заев, истата грешка ја прави и Мицкоски“, порачува Адеми.
ДУИ, додава тој, можеби не била совршена, но ДУИ, како што вели, отсекогаш била изборот на Албанците.
„’Не’ на Мицкоски. ‘Не’ на централните штабови на ВМРО. ‘Не’ на структури што сакаат покорни Албанци, кои ќе креваат рака кога ќе им се каже.
Токму затоа на 19 октомври Албанците јасно ќе кажат: Никој, апсолутно никој, нема право да го избира политичкиот претставник на Албанците, освен самите Албанци.
Најтрагично е што ‘Вреди’ е неговата алатка. ‘Вреди’ е неговиот проект за контролирана албанска политичка сцена. ‘Вреди’ е неговиот тројански коњ во Чаир, во Тетово, во Струга. Граѓаните тоа го гледаат, чувствуваат и знаат.
Нашата порака е јасна: Ние нема да исчезнеме, нема да се поклониме, нема да дозволиме некој друг да го избере нашиот пат“.