Црна хроника
Видеа со радикално исламистичка содржина прикажани на судењето за „Монструм"
На денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Монструм” во кој седум лица се осомничени за тероризам беа претставени докази на Обвинителството во форма на видео записи со радикално исламистичка содржина на арапски јазик и со албански превод.
Во судницата во скопскиот Основен суд 1 во средата беа прикажани видеа со наслови „Ал Каеда ги обучува муџахедините”, „Поддржувачи на исламот”, „Разбуди се брату муслиману”, коишто биле пронајдени во компјутерите на осомничените, но не беше прецизирано кај кој од нив.
На видеата можеа да се видат сцени од улични борби на вооружени маскирани лица, обуки на муџахедини, сцени од рушењето на кулите близначки во Њујорк на 11 септември, говори на Осама БиЛаден, прилози за Крстоносните војни, а во позадина на записите се слушаа извадоци од Куранот и песни во кои се повикува на тероризам на арапски јазик кои во судницата ги преведуваше преведувач. На дел од видео записите имаше албански превод.
За одбраната на обвинетите, овие видео материјали немале никаква врска случајот, истите не може да се сметаат за доказен материјал и нивното прикажување е беспредметно.
Судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12-ти април 2012 година, познат како случајот „Монструм”, во кој се обвинети седум лица за тероризам, започна на 20 декември, 2012 година. Според обвинението, убиството имало за цел да предизвика несигурност кај населението и да ја наруши безбедноста во земјата за предизвикување страв кај граѓаните.
Отпрвин шест лица беа оосомничени за убиството, Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири, а во декември, 2013 година на обвинителната клупа седна и седмообвинетиот Сами Љута, кој е осомничен дека чувал стража додека извршителите ги убивале петте жртви. Алил Демири и Африм Ислаимовиќ се уапсени на Косово за нелегално поседување на оружје и нив им се суди во отсуство. /крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

