Македонија
Охрид домаќин на IV Меѓународен саем за туризам
Од 17-ти до 19-ти јануари во Охрид ќе се одржи четвртиот Меѓународен саем за туризам. Свеченото отворање на саемот е утре на пладне во хотелот „Инекс Горица“, пренесува интернет весникот „Охридњуз“. На саемот ќе биде презентирана македонската туристичка понуда, но и ќе се разговара за актуелните состојби и проблеми во туризмот. Целта на ваквиот, нов концепт на туристичкиот саем во Охрид, е покрај истакнување на понудата преку разговор туристичките работници и еснафот да укажат на проблемите со кои се соочуваат и да предложат решенија за подобрување на состојбите, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.На саемот во Охрид ќе биде формирана македонска асоцијација на алтернативен туризам, која ќе врши презентација на алтернативните туристички дестинации во Македонија.На IV Меѓународен саем за туризам во Охрид учество ќе земат дваесетина тур-оператори и агенции од земјава и странство. И годинава учесниците на саемот ќе присуствуваат на одбележувањето на верскиот празник Богојавление – Водици, кој се очекува да привлече околу 30 000 верници. Со цел омасовување на манифестацијата охридските хотелиери и угостители истакнаа голем попуст на цените, па така во Охрид за Водици ќе може да се ноќева за 8 евра, а во рестораните да се јаде по цени кои се 20-30 отсто поевтини од регуларните. крај/охридњуз/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

