Македонија
Атина: Мали се шансите за заедничко решение
Пред тет-а–тет средбата на премиерите на Македонија и Грција што в петок ќе се одржи во Преспа, официјална Атина проценува дека се минимални шансите за двете земји да изнајдат решение, со кое Македонија во декември би добила датум за преговори со ЕУ
Дипломатски извори во Атина проценуваат дека по средбата премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу ќе дојдат до заклучок дека во моментов не се во можност да изнајдат заеднички прифатливо решение за името. Истовремено, во Атина сметаат и дека средбата во Преспа на која ќе присуствува и албанскиот премиер Сали Бериша, е вовед во затоплување на односите меѓу Атина и Скопје и во промоција на разни регионални иницијативи кои ќе се интензивираат во наредниов период. Во Грција проценуваат дека по затоплување на односите и решавањето на економските проблеми кои Јоргос Папандреу ги има во Грција, двете земји на пролет, би влегле во суштинска фаза на преговори за името. Дипломати во Атина сметаат и дека во Грција се’ повеќе добива наклоност идејата за директни преговори меѓу двете страни, бидејќи, како што велат, процесот во Обединетите нации покажал дека не е ефикасен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кузеска: Ахмети треба конечно да излезе од националистичкиот филм
Ахмети треба конечно да излезе од националистичкиот филм, вели во одговор на новинарско прашање, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
– Реториката за постојано подгревање на етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и спотови со воени опреми се несоодветни провокации за кои дефинитивно нема место во нашето општество. Не држат вода ставовите дека во СДСМ има албанофобија, СДСМ е единствената партија која вистински се залага за соживот и се залага за добри односи со сите заедници коишто живеат во Република Северна Македонија. СДСМ докажала дека секогаш се борела и ги бранела правата на сите етнички заедници кога тие биле загрозени. Во оваа држава, ниту Aлбанците ниту Македонците ниту Србите ниту Tурците и сите коишто живеат тука, не сакаат да слушаат вакви реторики туку сакаат конкретни решенија коишто ќе ги решаваат секојдневните проблеми, рече Кузеска.
Македонија
Полицајци барале поткуп, па си го делеле меѓу себе: обвинение за 16 лица во предметот „Премин“
По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име Премин, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 14 лица и Обвинителен предлог против две лица.
Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ. Едно лице освен за погоре наведените две дела е обвинето и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ.
Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ.
За сите обвинети за кривичното дело Примање поткуп обвинителството смета дека се исполнети условите од чл.38-б од КЗ и му предлага на судот да им изрече и казна -Забрана за вршење на професија, дејност или должност со што на лицата ќе им биде забрането вршење на должност на службено лице во орган на државната управа односно министерство, друг орган на државна управа како самостоен орган на државна управа или органи во состав на министерствата или управна организација како и во други државни органи.
Предметниот обвинител до судот достави и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело, а пронајдена при извршените претреси и тоа: 51885 евра, 663.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Воедно, заради непречено водење на постапката заедно со обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица заради неизменети околности врз основа на кои мерката е претходно определена.
Истражната постапка е отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција под кодно име Премин поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе.
Македонија
Спасовски: Нема да ги гласаме интерпелациите на ДУИ, не се потребни нови поделби на етничка основа
Оливер Спасовски од СДСМ денеска на прес конференција истакна дека СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите поднесени од ДУИ, затоа што не се потребни нови поделби по етничка основа.
„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби меѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелаците не смеело да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. За жал, аргументи и факти има колку сакате. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Но исто така и други настани со сквернавење на други симболи“, вели Спасовски.
Според него, постапувањето на институциите, исто како и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија не може да биде предмет на политичка интерпелација.
„Постојат закони, и ако тие закони се прекршени, мора да се постапува и некој мора да носи одговорност. Од друга страна, постојат многу други основани причини за интерепелација, особено за министерот Тошковски но и за многу други министри во Владата. Сега кај нас се поставува прашањето е зошто ДУИ не ги опфаќа овие основи за интерпелација на министрите. На пример нема ниту збор зошто не се преземаат мерки кои се под надлежност на министерот за екологија. Нема ниту еден збор за скандалите коишто се случија на косовската граница, за бегствата на Рамадани и Груби кои се под директна надлежност на МВР. Нема ниту збор за партиската чистка којашто се спроведува во институциите, во МВР, во безбедносниот сектор, за отпуштањата од работа на професионалците, за партиските распределби и незаконски разрешувања. Нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полицаец а беше ослободен од одговорност и веќе е унапреден. Исто така во интерпелацијата воопшто не се опфаќаат настани од безбедносен аспект, во сите градови Скопје, Штип, Прилеп, не прашува зошто е запалено возилото на началникот, на заменикот“, посочува Спасовски и додава:
„Сето ова говори дека намерите биле поинкави а тоа е отворање на нови етнички тензии. Во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби. Ова е стратегијата на ДУИ и ДПМНЕ уште од минатото, и оваа стратегија за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува и нема да бидеме дел од вакви игри. СДСМ премногу вложи во градење на меѓуетничките односи, и ако пред неколку години беше тема да се подобрат меѓуетничките односи тоа не беше тема и не треба да биде. СДСМ смета дека со градење на добри меѓуетнички односи, треба да се искористат сите можни капацитети и заеднички да се потрудиме Македонија да ја направиме европска и економски просперитетна држава. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта. СДСМ како пратеничка група и како партија секојдневно зборуваме и гласно се спротивставуваме на погрешните политики на власта и во собранието и надвор од него. Така и ќе продолжиме. Сите демократски инструменти кои што стојат на располагање ќе ги искористиме, одговорно и аргументирано, не заради дневна политика туку заради граѓаните и иднината на државата“.