Македонија
Попоски: Губиме сите од бојкотот на Собранието

Секој независен набљудувач однадвор како незрелост би ја оценил блокадата на Собранието од страна на опозицијата, оцени шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, реферирајќи пред собраниската Комисија за надворешна политика, каде не присуствуваа опозициските пратеници.
Прашан како бојкотот ќе се одрази врз интеграциите на земјата, Попоски порача дека ваквата ситуација единствено е во полза на оние што бараат изговор да не го поддржат влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО.
„Првата забелешка што било кој независен набљудувач од надвор би ја имал по однос на ова прашање би било незрелост, односно неположување на тестот на свесноста дека во рамки на институции во една демократија се решаваат и се надминуваат определени несогласувања и проблеми. Јас лично жалам што денеска нема преставници од страна на оние кои најавија дека ќе го бојкотираат, бидејќи мислам дека ова е форумот на кој треба да дадам отчет за тоа што направила извршната власт, да продискутираме за тоа што може да направи дополнително во наредниот период“, рече Попоски.
„Со таков еден пристап губиме сите, губи како она поле за дебата во рамки на институциите, така и од аспект на перцепцијата која можеме да ја креираме надвор. Добиваат единствено оние кои имаат интерес да најдат изговор повеќе за неподдржување на таквите процеси. Не би го занемарил фактот што единствено таа вест има привлечено некакво внимание во грчката медиумска сфера за разлика од било кое остварување или прекршување на маѓународното право во изминатиот период. Единствена вест што се проби во грчкиот медиумски простор од Македонија е токму тоа, најавениот бојкот на Собранието и покажаната незрелост во рамки на таа дебата“, рече Попоски пред членовите на Комисијата за надворешна политика.
Дел од пратениците, во рамки дебатата, повикаа опозицијата да се врати во собраниските клупи./крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини Табановце и Богородица се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица 20-30 минути, на Табановце 20-30 минути на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.