Македонија
Поделбата по етничка основа сè почеста во училиштата
Поделбата по етничка основа е сè позачестена во училиштата низ Македонија и покрај општо прифатените предности на мултикултурализмот во образованието и потребата од подобрување на меѓуетничките односи.
Поделбата по етничка основа е сè позачестена во училиштата низ Македонија и покрај општo прифатените предности на мултикултурализмот во образованието и потребата од подобрување на меѓуетничките односи.
Ова се наведува во студијата „Мултикултурализмот и меѓуетничките односи во образованието“ изработена од Центарот за човекови права и разрешување конфликти што во вторник беше промовирана во Скопје.
„Студијата јасно покажувa дека нашите ученици се оптоварени со етнички стереотипи и предрасуди, главно позитивни за сопствената етничка група, а негативни за ’другите’“, рече министерот за образование Никола Тодоров во рамки на денешната презентација на студијата.
Според него, меѓуетничка поделба постои секаде, а не само во Македонија, поради што сè повеќе треба да се промовира и да се нагласува мултикултурализмот во образованието.
Тодоров, смета дека Министерството за образование успеало да изнајде оддржливо решение во Струга, каде што имаше меѓуетнички проблеми меѓу учениците Албанци и Македонци.
„Тоа решение ни овозможи да направиме еден голем чекор напред во процесот на интеграција на учениците и искрено се надевам дека тоа што ни се случувало во минатото никогаш повеќе нема да ни се потвори“, рече Тодоров.
Во однос на воведувањето предмет албански јазик за учениците Македонци, вицепремиерот Абдулаким Адеми истакна дека албански јазик треба да се изучува барем во етнички мешаните заедници, додека начинот и формата е работа на Министерството за образование и наука.
Квалитетното образование има многу компоненти, мултикултурализмот е една од тие компоненти. Многу е потребно учениците и студентите да бидат изложени на културата и обичаите на нивните соседи, смета Шелдон Јет, шеф на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија.
Студијата „„Мултикултурализмот и меѓуетничките односи во образованието“ е спроведена во периодот јуни – октомври 2009 година во две фази.
Во првата фаза е направен преглед на состојбите, додека во втората фаза е спроведено теренско истражување.
Целта на оваа студија е да ги анализира основните причини за етничката поделеност во училиштата и да дефинира препораки за вградување на мултикултурализмот и градењето на меѓуетничките односи во државата./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.

