Македонија
Казандол е новата инвестиција во рударскиот сектор од првични 25 млн евра
Договорот за доделување концесија за експлоатација на минерални сировини, како бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“, во општините Валандово, Богданци и Дојран, е потпишан со претставници на Друштвото за експлоатација, преработка и производство „Сардич МЦ“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, со кој покрај реализација на планираната англиско-украинска инвестиција, ќе се промовира и нов начин на вадење руда, со напредна технологија, во затворен систем, што овозможува максимална заштита на животната средина, без никакви отпадоци во околината, рече во петокот министерот за економија Беким Незири на прес-конференцијата по поптишувањето на споменатиот договор.
„Со денешниов договор за отворање на рудникот и изградба на фабриката за електролиза, која е планирано да почне со производство до крајот на оваа година, ќе се реализира инвестиција од дополнителни 25 милиони евра. Со рудникот и фабриката ќе бидат отворени за почеток околу 250 нови работни места, главно на луѓе од тој регион, а ќе бидат ангажирани фирми од регионот како подизведувачи и деловни партнери. Дополнително, за потребите на комплексот ќе се подобри и локалната инфраструктура во делот на патиштата и енергоснабдувањето“, рече министерот Незири
Прецизираше дека планираниот капацитет на производство е повеќе од 4.000 тони бакар годишно во период од 12 до 15 години, што според Незаири значи дека по разни основи во буџетот на Република Македонија и на општинско ниво ќе се влеваат над два милиона евра годишно.
Извршниот директор на „Сардич МЦ“, Генадиј Сичов истакна дека споменатиот договор е одговор на барањето на компанијата за доделување концесија за експлоатација од ноември 2014 година, како резултат на добиените позитивни резултати од деталните геолошки истражувања на компанијата кои започнаа во мај 2014, врз основа на договорот за концесии за детални геолошки истражувања за три потенцијални наоѓалишта, и тоа Казандол, Плавуш и Петрошница, а согласно одлуката за најповолен понудувач по електронското наддавање на тендерот распишан во јануари 2014 година.
„За истражување, компанијата ’Сардич МЦ’, која претставува англиско-украински капитал, минатата година инвестираше околу пет милиони евра, а на име концесиски надоместок за овие три локации беа уплатени средства во износ од 7.144.000 денари, од кои 78 отсто се приход на општината каде се врши концесиската дејност, а 22 проценти се приход на Буџетот на Република Македонија. Во цел овој процес посебно би сакал да се заблагодарам до сите релевантни институции за одличната соработка, кои во најбрз можен рок ја завршија законски пропишаната рпцедура за доделување на концесијата, а посебно на Министерството за економија“, истакна Сичов.Компанијата „Сардич МЦ“ промовира нов начин на вадење руда, со напредна технологија, што овозможува максимална заштита на животната средина, објасни директорот на „Сардич МЦ“, Бошко Сибиновски.
„Технологијата на извлекување е специфична и се одвива во затворен циклус на извлекување и преработка по пат на електролиза, без испуштање на никакви гасови, течности или тврди отпадоци во околината. За таа цел, од врвни македонски и меѓународни експерти е изработена целокупната документација за добивање на интегрирана еколошка дозвола, која ги исполнува најстрогите европски пропишани параметри“, потенцираше Сибиновски.
Од инвестициски аспект, концесионерот планира отворање нови копови, но и рудници во Петрошница и Плавуш, како и изградба на фабрика за добивање на финални бакарни производи, со што во наредните четири години би се заокружила планираната инвестиција од 250 милиони евра./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.

