Македонија
Проекти на млади истражувачи презентирани на изложбата „Наука на младите“
Четириесетина проекти на млади истражувачи, во петок беа презентирани на изложбата „Наука на младите“ која се одржа во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија.
На втората изложба на проекти која се организираше по повод Светскиот ден на науката за мир и развој беа презентирани 43 проекти на ученици од основни и средни училишта од 12 градови во Македонија кои добиле награди на Државни натпревари на млади истражувачи организирани од Народна техника на Македонија, како и наградени иновативни проекти на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2013.
Исто така, беа исложени и десетина експонати на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Ова претставуваше можност за средба на основците и средношколците со студентите, меѓусебно запознавање и размена на искуства и мислења, како и можност за воспоставување контакти и работа на идни заеднички проекти.
„Проектите сами по себе зборуваат за нивното високо едукативно и апликативно ниво, како и за широкиот дијапазон знаење за новите технологии што го имаат младите истражувачи“, рече професор д-р. Христина Спасевска претседател на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Македонија-Народна техника при свеченото отворање на изложбата.
Изложбата „Наука на младите“ ја организираат Сојузот на младите истражувачи на Македонија – Наука на младите при Народна техника на Македонија во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и таа прераснува во традиционална манифестација при одбележување на Светскиот ден на науката со специјален акцент на младите научници и истражувачи.
„Искрено се надевам дека оваа средба ќе биде поттик да им се придружите на вашите идни колеги кои сакаат да работат наука, и да станете дел од факултетите за техника и природни науки“, се обрати пред присутните проф.др. Миле Станковски, декан на ФЕИТ.
Како и минатата, така и оваа година претседателот на државата д-р. Ѓорѓе Иванов им излезе во пресрет на овие надежни млади умови. А со своето лично присуство им приреди големо изненадување, и уште еднаш ја потврди својата определба и заложба за поддршка на развојот на науката.
Покрај Претседателот, изложбата ја посетија проректорите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, како и голем број професори од основните, средните училишта и Факултетот за електротехника и инфомрациски технологии.
Изложбата ја посетија повеќе 150 основци и средношколци кои што имаа можности да ги разгледаат проектите и да се едуцираат од своите повозрасни соученици, студенти на ФЕИТ. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

