Македонија
Заврши денешната расправата за новиот состав на Лустрациска

За едните од историско значење, а за другите дефектен процес за менување на историјата и алатка за злоупотреба и демонски циркус на власта, беа оцените во петокот на претставниците од власта и опозицијата, вториот ден од собраниска расправа на која пратениците ги кршат копјата околу своите ставови по однос на начинот на спроведување на лустрацискиот процес до сега и предлогот на новиот состав на Лустрациската комисија во која СДСМ не предложи член од своите редови.
Изборот на членовите на Комисијата со кој се предвидува досегашниот претседател Томе Аџиев да добие уште еден петгодишен мандат само дополнително ги налути членовите на најголемата опозициона партија.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пред пратениците истакна дека целта на лустрацијата е да се извадат досиејата од минатото а неговиот сопартиец, Димитар Стевананџија, истакна дека со процесот ќе се даде можност луѓето да ја дознаат вистината зошто некои луѓе пателе, некои режисери и писатели напредувале, а некои не…
Пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија истакна дека на Македонија потребна и е лустрациска комисија и процес на лустрација кој нема да предизвикува тешки поделби. Според него. целта на Комисијата не е прочистување на историјата, туку на општествената свест и совест.
Сузана Салиу од ДУИ посочи дека главна жртва на комунизмот биле Албанците во Република Македонија кои во тој период биле во постојана опсервација, посебно албанските интелектуалци и смета дека Собранието треба да донесе акт за рехабилитација и обесштетување на овие лица.
Пратеникот Павле Трајанов смета дека потребно е да се направи прочистување на лустрацијата, како и рехабилитација на жртвите и помирување.
За член и претседател на Комисијата е предложен Томе Аџиев, кој и во изминатите три години беше прв лустратор, а за негов заменик е предложен Асан Лума. За членови на оваа комисија се предложени Новица Велјановски, Предраг Димитровски, Ѓорѓи Малковски, Вецко Здравевски, Ристана Лалчевска, Шпенд Винца, Даут Даути, Цветанка Соколова Младеновска и Марија Зафировска./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.
Македонија
Утре сончево време, следува период на потопло време

Времето утре ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.