Македонија
Голем собир на македонските деца бегалци во Канада
Во организација на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Македонската Амбасада во Отава, Канада, се одржа голем собир на кој присуствуваа повеќе стотини Македонци, деца-бегалци од граѓанската војна во Грција
Во организација на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Македонската Амбасада во Отава, Канада, се одржа голем собир на кој присуствуваа повеќе стотини Македонци, деца-бегалци од граѓанската војна во Грција, повеќе Македонски семејства по потекло од Егејска Македонија, како и неколкумина преживеани борци од граѓанската војна.
На овој грандиозен собир зборуваа повеќе историчари и претставници на Институтот за национална историја од Скопје, Канадско-Македонското историско друштво и Македонското меѓународно движење за човекови права, а се обратија и Македонскиот Амбасадор Тевдовски, претставници од Министерството за култура и Министерството за надворешни работи на Република Македонија, и претставници на Македонските здруженија во Канада.
Претседателот на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Ристо Чачкировски, се заблагодари на Владата на Република Македонија и Македонската Амбасада што се грижат и активно помагаат да не се заборават страдањата, но и надежите и националните идеали на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. „Ваков собир чекаме со децении, ова е прв пат после 1988 да се собереме во толкав број“ – истакна Чачкировски.
Маја Ивановска, член на Управниот одбор на Македонскиот Соборен Храм во Торонто, одржа поздравен говор и нагласи „Како млада Македонка, израсната во семејство на деца-бегалци, никогаш нема да си дозволам да се заборават страшните истории на моите претци, и затоа наша задача како млади Македонци е заедно со нашите научни институции да ја промовираме македонската историја и македонската вистина“.
Во своето поздравно обраќање до собирот Амбасадорот Љубен Тевдовски нагласи: „Македонската држава е должна да ги помни малите великани, кои ги изодеа македонските планини, Европа и светот, и не заборавија никогаш дека тие припаѓаат на своите села, на своите градови и на нивната мила грутка Македонија. Импресивно е да се види дека сите голготи, сите измачувања и семејни загуби не ги поколебаа овие македонски Давиди, но ги престорија во џинови на Македонскиот непокор во Македонија, тука во Канада и секаде во светот“.
Амбасадорот Тевдовски ги презентираше проектите на Македонската влада за зачувување на споменот и историјата на прогонетите македонци и се заблагодари на истакнатите Македонци, кои го помогнаа овој собир во Канада. Тој, особено се заблагодари на угледниот Канадски професор Ендрју Росос, самиот дете-бегалец, кој во научниот свет ја промовира историската вистина за прогонетите Македонци, како признатиот пластичен хирур д-р Лефтер Манче, кој повеќе од две децении во својата коресподенција со светските лидери ја промовира вистината за Македонците прогонети во време на граѓанската војна во Грција.
Од овој голем собир во Торонто, Канада, Македонскитедеца- бегалци порачааа дека подолгото отсуство на собири од ваков карактер не значи дека тие се откажале од своите човекови права, и нагласија дека за нив од најголем интерес останува правото на враќање на државјанствата и имотите во соседна Грција. /крај/со/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.

