Свет
Баросо е кандидат за уште еден мандат на чело на ЕК

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо денеска потврди дека е кандидат за втор мандат на чело на Комисијата
Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо денеска потврди дека е кандидат за втор мандат на чело на Комисијата.
„Го прашав Баросо дали е подготвен за втор мандат и добив позитивен одговор“, изјави претседавачот со Европската унија чешкиот премиер Јан Фишер, по средбата со Баросо.
Претседателот на Европската комисија потоа соопшти дека ја прифатил поканата и додаде дека се чувствува почестен, јавија западните агенциите.
Лидерите на земјите членки на ЕУ за новиот претседател на ЕК треба да решаваат на состанокот на крајот на наредната недела во Брисел, по што тој треба да биде потврден од Европскиот Парламент.
По убедливата победа на Европската народна партија на изборите за Европскиот парламент, извесно е дека Баросо, кој и пред изборите не демантираше дека е заинтересиран, ќе остане на чело на Комисијата уште еден петгодишен мандат.
Сегашниот мандат на поранешниот конзервативен премиер на Португалија, на функцијата претседател на Европската комисија истекува во ноември годинава./крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Голем видовденски протест вечерва во Белград, студентите се огласија за ненадлежни за она што ќе се случува по 21 часот

Денес, кога Србија празнуива Видовден, студентите кои седум месеци протестираат, најавија голем протест во Белград. Собирот ќе почне во 18 часот и ќе трае три часа, а најголема енигма е што ќе се случува потоа, бидејќи студентите порачаа дека не се надлежни за ништо по 21 часот, објави Нова.рс.
Студентите пред неколку дена објавија дека ако Владата не ги исполни нивните два барања, најавена е и граѓанска непослушност.
Првото барање е распуштање на Народното собрание, со цел да се распишат предвремени парламентарни избори до 21 часот денес, а второто барање е Владата да апелира до Министерството за внатрешни работи до 21:00 часот на 28 јуни, во согласност со член 18 од Законот за јавни собири, кој се однесува на чл. 8 од истиот Закон, да се прекине наводно пријавениот собир во Пионирскиот парк и плоштадот Никола Пашиќ.
Свет
Трамп повторно би го бомбардирал Иран ако извештаите покажат загрижувачки заклучоци за збогатување на ураниум

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека апсолутно ќе го преиспита бомбардирањето на нуклеарните објекти на Иран доколку смета дека е потребно, пишува „Си-ен-ен“
„Секако, без сомнение, апсолутно“, им рече Трамп на новинарите во брифингот во Белата куќа, кога директно беше прашан дали би размислил за бомбардирање на земјата доколку идните разузнавачки извештаи покажат загрижувачки заклучоци за збогатувањето на ураниум на Иран.
Трамп рече дека не верува дека Иран би можел „повторно да влезе во нуклеарната програма во скоро време“ по нападите на САД врз неговите нуклеарни објекти минатата недела.
Администрацијата продолжи да изразува доверба во успехот на тие напади, но не понуди никакви разузнавачки податоци за да го поткрепи тврдењето на Трамп дека нуклеарната програма на Иран е, според неговите зборови, уништена.
„Може ли да ви кажам – тие се исцрпени. И Израел е исто така исцрпен. Разговарав со едната и со другата земја, и двете сакаа тоа да се реши – и двете – и ние направивме одлична работа. Но, тие се исцрпени. Последното нешто за кое размислуваат во моментов е нуклеарното оружје. Знаете за што размислуваат? Тие размислуваат за утре, за тоа како да преживеат“, рече американскиот претседател.
Свет
Велика Британија почна да ги одбива украинските бегалци: „Можете да одите во безбеден дел од Украина“

Обединетото Кралство почна да ги одбива барањата за азил од Украинците, тврдејќи дека апликантите можат безбедно да се преселат во други делови од Украина, соопшти „Гардијан“.
Адвокатска фирма со седиште во Лондон изјави за „Гардијан“ дека добива неделни барања од Украинци во чии писма за одбивање често стои дека не ги исполнуваат условите за прогон според Конвенцијата за бегалци, бидејќи се смета дека можат да се преселат во побезбедни делови од Украина.
Во писмата, исто така, се споменува достапноста на јавни услуги во Украина и се предлага да се побара помош од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и локалните организации.
Компанијата забележува дека зголемувањето на одбивањата е поврзано со промените во упатствата на Министерството за внатрешни работи на Велика Британија во јануари, кои сега ги сметаат регионите како Киев и западна Украина за „генерално безбедни“.
Статусот на бегалец во Велика Британија им дава на примателите пет години престој со право на работа, социјална помош, здравствено осигурување, помош за домување и семејно обединување.
Велика Британија, исто така, нуди привремени визи преку програмите „Домови за Украина“ и „Украинско семејство“, кои овозможуваат престој до 18 месеци. До март 2025 година, беа издадени повеќе од 270.000 визи.
Околу 4,3 милиони Украинци добија привремена заштита во ЕУ
Портпарол на Министерството за внатрешни работи изјави за Гардијан дека Велика Британија понудила или продолжила заштита на повеќе од 300.000 Украинци откако започна конфликтот во февруари 2022 година. Министерството за внатрешни работи нагласи дека барањата за азил се оценуваат од случај до случај и дека шемата „Домови за Украина“ останува отворена.
Неколку милиони Украинци ја напуштиле земјата во последните три години. Според податоците на Евростат, околу 4,3 милиони добиле привремена заштита во ЕУ до март 2025 година.
Лондон ѝ вети на Украина милијарди воена помош од 2022 година.