Македонија
Црквата и Александар Велики предвидени со проектот „Скопје 2014“

Храмот „св. Константин и Елена“ и споменик на Александар Велики на висока фонтана се дел од проектот „Скопје 2014“, презентиран денеска од Општина Центар.
Храмот „св. Константин и Елена“ и споменик на Александар Велики на висока фонтана се дел од проектот „Скопје 2014“, презентиран денеска од Општина Центар. Целосна промена на центарот на Скопје се предвидува со проектот „Скопје 2014“, презентиран денеска. Изградба на Православен храм, споменик на Александар Велики качен на коњ на висока фонтана се дел од триесетината објекти што со овој проект се предвидени да се изградат. На кругот на плоштадот Македонија е предвидено изградба на фонтана, на која се планира поставување на споменик на Александар Велики качен на коњ. За поставувањето на споменикот не е даден конкретен рок, иако беше дел од денешната видео презентација. На локацијата меѓу трговскиот центар „City Gallery“ и ресторанот „Пелистер“ е предвидена изградба на Православна Црква „св.Константин и Елена“. Земјиштето е доделено на МПЦ-ОА и се чека одлука од нив кога ќе започне изградбата на црквата. Со проектот, на местото на некогашниот Офицерски Дом е предвидена изградба на зграда на градската администрација, во која покрај градоначалникот и администрацијата на Град Скопје, ќе има Сала за венчавање. Фасадите на постоечките згради што гравитираат околу плоштадот ќе се реновираат и ќе добијат унифициран изглед. “Имаме чуство дека сме донесени пред ѕид и треба да се произнесеме за што сме: барок, класицизам, неокласицизам, романтизам. Ќе потенцирам – архитектонското дело е лично видување на авторот. Слободно може да истакнам дека сите овие објекти од областа на културата кои се во градба со целокупната организација на внатрешниот простор ги задоволуваат карактеристиките на модерни градби“, изјави министерот за култура, Елизабета Канчевска – Милевска. До Плоштадот ќе се стигнува преку портата „Македонија„, што ќе се изгради лево од зградата на ЕВН Македонија. Со проектот, во центарот на Скопје е предвидено поставување на споменици на Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први. До Камениот мост на големи постаменти ќе се најдат спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев. Подготовките за нивната изградба започнаа денеска. „Скопје е главен град во кој треба да се чувствува духот на историјата и културата на Македонија, а тоа најдобро ќе го направиме со оддавање почит на оние кои тоа го создале“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Во проектот е вметнат и деловниот центар што во моментов се гради на местото на некогашната Народна Банка, а од спротива пред зградата на МЕПСО е предвидена изградба на хотел од познат светски ланец. Пред зградата на Собранието на Македонија ќе никне споменик на Никола Карев, качен на коњ. Отспротива, во паркот „Жена Борец“ се предвидени споменици на основачите на ВМРО, президиумот на АСНОМ, на паднати херои, и на Бранителите. Зградата на Собранието ќе добие дополнителен кат и купола. На реката Вардар е предвидена изградба на два нови мостови. Веднаш до Камениот мост ќе никне мостот „Око“ со 28 скулптури, а подоле по течението ќе биде изграден “Мост на уметноста“, на кој ќе се најдат скулптури на Тоше Проески, Браќата Миладиновци, Кочо Рацин, Глигор Прличев, Никола Вапцаров, Ацо Шопов, како и уметници од етничките заедници. Во самата река ќе бидат поставени неколку фонтани. На левата страна од Вардар е предвидена изградбата на Стариот театар, Музејот на Македонската борба, Македонска филхармонија, Министерство за Надворешни работи, колонада „Независна Македонија“ и зграда во која ќе бидат сместени Уставниот Суд, Државниот Архив и Археолошкиот Музеј, Агенција за електронски комуникации. Голем дел од овие институции досега работеа во изнајмени простории. Во „Скопје 2014“ е опфатена и ревитализацијата на Скопското Кале. Под него, меѓу мостот Гоце Делчев и Владата е предвидено поставување на два лавови, за кои подготовките за изградба ќе започнат во претстојниот период. Целокупниот проект е предвидено да се реализира до 2014-та година. /крај/ач
Повеќе фотографии од „Визуелизација Скопје 2014“ тука>>
Видео „Визуелизација Скопје 2014“ тука>>
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Утре, ќе почне увидот на самото место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.
Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно, се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13.30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-групација“, која се занимава со електронски и со електричен отпад, вклучувајќи и литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите на кои имаше горење, особено кај деловите со батерии.
Беше забележан густ црн чад, кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување чад.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево покажале зголемување на сите параметри за два до трипати од дозволеното, а вредноста на јаглеродниот моноксид, која во просек не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.
„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.
Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.
Македонија
„Таа вечер имаше посебна енергија, чувствувавме како да е последен пат“ – емотивна објава на Горан Тонев шест месеци по трагедијата во „Пулс“

Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и еден од преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес преку социјалните мрежи се потсети на трагичната ноќ пред шест месеци, која, како што рече, на сите ни ги промени животите.
„Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и на секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои… Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир“, напиша Тонев.
Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, меѓу нив и повеќе членови и соработници на ДНК – вокалистот Андреј Ѓорѓиевски, професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.
Тонев два месеца беше на лекување во болница во Солун. Пожарот го преживеаја и фронтменот Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска.
Македонија
Подметнување пожар ќе биде тероризам, а фрлање отпад на недозволени места ќе се казнува со затвор над пет години, Мицкоски најави итни законски измени

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, при посетата на Јегуновце најави законски измени со кои најстрого ќе се казнува подметнување пожар и фрлање ѓубре на недозволени места. Одговарајќи на новинарско прашање дали ги забележал депониите покрај Вардар кај Сиричино кога доаѓал кон Јегуновце, премиерот рече дека секој што ќе биде фатен на дело, ќе биде најстрого казнет.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите, со кои подметнување пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото, ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече премиерот Мицкоски.
Освен законските измени, премиерот рече дека вчера Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е местото.
„Јас ги повикувам и несовесните граѓани што ги формираат овие диви депонии да не го прават тоа затоа што сите оние што ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, повика премиерот Мицкоски.
Денешната снимка од подметнувањето на пожарот во Пинтија премиерот Мицкоски рече дека е само уште еден доказ дека постојат центри на моќ што се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите. И денес тој не сакаше прецизно да каже кои се тие центри на моќ, но повтори дека одговорот на прашањето кому му одговара ваква состојба го дава и одговорот на прашањето кој ги нарачува.