Регион
Во Турција се приведуваат адвокати и универзитетски професори во рација против PKK

Во Турција во средата се приведени 47 лица, во, како што наведуваат властите, антитерористички операции ширум земјата, ден откако беа обвинети тројца универзитетски професори за наводно учество во „терористичка пропаганда“.
Турската државана новинска агенција Anadolu наведува дека бранот апсења во многу покраини, вклучително и во мегалополисот Истанбул, е насочен против забранетата Работничката партија на Курдистан (PKК) која е ставена на листата терористички организации и на Европската унија и на САД.Иако досега никој не ја презема одговорноста, турската влада ги обвинува курдските герилци за неделната експлозија во центарот на главниот град Анкара во која загинаа 37 луѓе, а повеќе од 120 беа ранети.Претседателот Реџеп Тајип Ердоган се зазема за проширување на дефиницијата „терорист“ во турското законодавство, за да бидат вклучени и оние кои изразуваат поддршка на таквите дела. „Самото тоа што имаат титули како пратеници, универзитетски професори, автори, новинари или челници на невладини организации, не го менува фактот дека тие всушност се терористи“, тврди Ердоган.Во последниот бран апсења кој започна во понеделникот, приведени 320 луѓе, адвокати, политичари, професори и суденти. Тројца универзитетски професори се обвинети и задржани во притвор од групата од околу 1.000 наставен кадар и педагози кои потпишале декларација која се залага за мир во Турција и се осудуваат акциите на владините безбедносни сили во југоисточните доминантно курдски региони на земјата.Турските медиуми, како и дневниот весник Hurriyet, известуваат дека и еден британски професор, кој предава на истанбулски универзитет, е уапсен откако во полициската станица дошол да му даде поддршка на приведен колега.Турција во декември минатата година ги зајакна воените операции против PKK и други групи чие дејствување е забрането. Од тогаш повеќе стотици лица ги загубија животите, вклучително и цивили. Во некои курдски региони владините сили покренале бран уривања објекти, а повеќе од 350.000 луѓе, претежно Курди, се раселени, пишува DPA.Двегодишниот прекин на огнот меѓу турските власти и PKK пропадна минатата година, со меѓусебни обвинувања од двете страни за неуспехот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанија чекор поблиску до ЕУ: отвори нов кластер

Албанија го отвори петтиот од вкупно шест кластери во преговорите за пристапување во ЕУ.
Ова е кластер 4, кој се однесува на зелената агенда и на одржливата поврзаност и вклучува четири поглавја од преговорите: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
„Албанија врши импресивна работа. Доколку продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година“, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција изјави дека ЕУ е империја на која Албанија сака да ѝ припаѓа.
„Денес, отворивме уште еден кластер, петти за 11 месеци. Мислам дека е рекорд. Сакаме да го отвориме последниот кластер до крајот на годината, знам дека е амбициозно, но се надевам дека ќе успееме“, рече Рама.
Тој додаде дека сè уште има многу предизвици и напори пред Албанија, но дека нема друг начин.
„Конечно, првпат во историјата можеме слободно да избереме со кого сакаме да се венчаме. Во минатото бевме принудени да се венчаме со други империи, но ова е империјата од која сакаме да бидеме дел“. Империја на вредности, права и безбедност, во која нашите граѓани ќе бидат убедени дека нивната слобода и нивните права нема да бидат одземени“, рече Рама.
„Знам дека реформите што ги бараме од земјите кандидатки понекогаш не се лесни и бараат фундаментални промени, но Албанија покажа дека позитивните промени се можни и дека ЕУ ги наградува“, рече Кос.
Европската комесарка ги пофали албанските власти за реформите спроведени во последните години додавајќи дека не е лесно да се отворат кластери, но дека е уште потешко да се затворат поглавјата и дека Албанија мора да продолжи да спроведува реформи, особено во областите на судските реформи, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.
Кос изјави дека целта на албанската влада е да ги заврши преговорите во техничкиот дел до крајот на 2027 година и дека Европската Унија ја поддржува оваа визија.
„Нема сомнение дека иднината на Албанија е во ЕУ, а денес сме еден чекор поблиску до таа цел“, рече Кос.
Пред почетокот на меѓувладината конференција таа рече дека постојат разлики меѓу земјите кандидатки и дека една од најголемите улоги во процесот на пристапување ја игра раководството на земјата.
„Ако раководството покаже проевропска ориентација, тогаш граѓаните имаат чувство дека земјата оди во вистинската насока“, рече Кос.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, чија земја претседава со ЕУ, рече дека отворањето уште еден кластер во преговорите за пристапување на Албанија е значаен чекор и покажува дека вистинските реформи носат вистински резултати.
„Со текот на годините Албанија вложи големи напори во реформирањето на судството, борбата против корупцијата и хармонизирањето со надворешната политика на ЕУ. Покажа дека јасно ја гледа својата иднина во Европа, произведува резултати и заслужува признание“, рече Бјере.
Таа додаде дека данското претседателство со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување, кој стана геополитичка неопходност по руската инвазија на Украина.
„Мораме да продолжиме со проширувањето за посилна и побезбедна ЕУ и затоа проширувањето е приоритет на данското претседателство“, рече Бјере.
Фото: принтскрин
Регион
Невреме ја зафати Србија, два авиони кружат на небото чекајќи подобри услови за слетување

Силна бура со грмотевици го погоди Белград, поради што два авиона не можат да слетаат веќе некое време. Станува збор за летови од Виена и Анкара, а овие два авиона кружат над Смедерево.
Бурата придружена со грмотевици и дождови ја погоди цела Србија, а потоа и Белград. Црни облаци се надвиснаа над главниот град. Републичкиот хидрометеоролошки завод предупредува дека се очекува силен град и бурни ветрови, пишува „Телеграф“.
Србија е под влијание на циклони и студени фронтови, кои носат посилна промена на времето, со дожд и грмежи.
Регион
Волк нападнал 5-годишно дете од Србија на плажа во Грција: „Не’ бркаше на плажата и во дворот“, сведочи мајката

Неверојатно звучеше веста дека волк нападнал девојче од Србија на плажа кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Во првите извештаи медиумите беа резервирани, со сомнеж дека можеби не станува збор за волк, туку за некоја слична ѕверка. Детето заврши во болница со гребаница по грбот, пишува српски “Телеграф“.
Трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден човек кој почнал да го гаѓа животното со камења.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, се присетува на ужасната сцена која можела да заврши трагично, Ирена Пеиќ – мајка на петгодишното девојче од Србија, кое во петокот на плажа во близина на градот Неос Мармарас беше нападнато од волк.
Сцената се одиграла за само неколку секунди, во раните утрински часови.
„Тоа е плажа пред делот кон Парадисос плажата, нешто пред осум часот наутро. Беше свежо, а среќна околност е што ќерка ми носеше дуксер. Таа си играше со едно бебе на плажата, кога еден човек викна: ‘Што е ова?’ Во истиот момент додека станувавме, волкот беше веќе до нас. Буквално ни го блокираше преминот и се позиционираше така што не можевме да поминеме“, опишува Ирена.
Во следната секунда, вели, волкот бил веднаш до девојчето.
„Ја отвори муцката за да ја зграпчи, но во тој момент ја зграбив и тргнав да бегам. Нас нè спаси човекот што почна да фрла камења. Волкот падна во вода, ние добивме неколку секунди да побегнеме по скалите за да влетаме во апартманот. Но, волкот излезе од водата и скокна во дворот на апартманот, па таму почнаа да го бркаат со мотки и камења, и така заеднички го истераа“, вели таа.
Среќа во несреќа, девојчето поминало само со гребаница по грбот. Во болница добила неколку вакцини и терапија со антибиотици.
„Сите бевме многу вознемирени. Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка.
Таа додава дека детето било во голем страв и два часа не дозволувало да се отворат вратите од апартманот.
Ирена го пријавила случајот во општината и полицијата, со надеж дека некој ќе реагира.
„Пред неколку дена имаше пожар, па веројатно волкот се одвоил од чопорот. Чувме дека ова не е прв напад – велат дека е веќе петти во регионот. Еден напад на жена бил пред три дена, а на куче пред два. Некои велат дека имало напади и во мај. Се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки. Никој од нас не очекуваше такво нешто, но најмалку 20 луѓе го видоа волкот, имам сведоци“, објаснува Ирена.