Свет
Агенциите за обезбедување тераат политика пред дискотеките
Ноќната скопска шема станува се’ поопасна за животот. Дискотеките, кафулињата и
ноќните клубови се’ почесто се полигон за пресметка меѓу пијани и оружени
насилници, чија агресивност најмногу ја чувствуваат младите, кои вечерта
излегле да се забавуваат.
ГОРАН АДАМОВСКИ
Ноќната скопска шема станува се’ поопасна за животот. Дискотеките, кафулињата и
ноќните клубови се’ почесто се полигон за пресметка меѓу пијани и оружени
насилници, чија агресивност најмногу ја чувствуваат младите, кои вечерта
излегле да се забавуваат. Полицајци, кои работат по директива на надредените
или, пак, на своја рака ја злоупотребуваат значката и униформата што ја носат,
потоа агенции за обезбедување, кои блискоста со луѓето на власт ја практикуваат
на свој начин, како и чисти бизнис-интереси, што се раководат според девизата
„уништи му го локалот на конкурентот, за неговите гости да станат мои“,
создаваат слика на страв и несигурност во ноќниот живот во земјава, особено во
Скопје. Минатогодишниот брутален напад во „Процес“, претепувањето на руските
дипломати во кафулето „Тренд“ или инцидентот пред „Хард рок“ се само три од
низата слични инциденти, за кои никој не сака јавно да зборува, иако
неофицијално секој знае кој со кого е поврзан.
„Дел од агенциите за обезбедување работат во спрега со полицијата. Конкретно,
некои од „сините“, по завршувањето на работното време, ја соблекуваат
униформата и за некој екстра-денар работат како обезбедување во некоја од
дискотеките, со што тој локал по автоматизам добива дополнителна заштита“, вели
Игор, професионален обезбедувач, кој со оваа работа се занимава повеќе од десет
години.
Јавна тајна е дека секоја власт си има свој фаворит меѓу агенциите за
обезбедување, на кои им даваат „ветар во грб“ во работењето. На актуелната
власт блиски им се луѓето од „Лупус“, кои, симптоматично, беа задолжени за
редот и мирот во дискотеката „Хард рок“. Во спрегата меѓу агенцијата „Лупус“ и
власта, во јавноста се шпекулира и со името на премиерот Груевски. Инцидентот
во „Хард рок“ се’ уште не е расветлен и прашање е дали воопшто ќе биде.
Полицијата и натаму „не знае“ како се случил инцидентот и како е можно да не
открие ниту еден од група од 15-ина момчиња, кои претепале двајца полициски
инспектори среде полна дискотека, иако тепачката била снимана на камерите од
дискотеката. Чаршијата смета дека токму обезбедувачите од „Лупус“, од кои
најголем дел преку ден работат како полицајци, ги претепале инспекторите, но
поради блискоста со власта, случајот треба да биде забошотен.
„Токму поради тоа, најголемиот дел од сопствениците на локалите одлучуваат за
на „врата“ да најмат луѓе од агенцијата што е блиска до власта и до полицијата,
зашто во спротивно лесно можат да станат цел на некој изрежиран инцидент.
Потоа, нормално е дека гостите нема да се вратат таму каде што животот им е во
опасност, туку ќе одат во локалите каде што е мирно. Тоа е класичен рекет“,
вели еден од анонимните соговорници.
Според многумина, бруталниот полициски напад во „Процес“ се случи поради тоа
што братот на сопственикот на дискотеката е член на најголемата опозициска
партија во земјава. Акцијата на специјалната Единица за брзо распоредување била
планирана цел ден и тоа со амин на нивните надредени, зашто во „Процес“ не биле
во можност да се заштитат.
„Дури и некои од највлијателните луѓе во МВР цел ден ни испраќаа пораки по
мобилен дека ќе не’ убијат. Впрочем, за да се изведе таква акција со 70
специјалци, во која секој точно знае што и како треба да прави, доволно кажува
дека не станува збор за самоорганизиран акт во афект“, зборуваа дел од
претепаните обезбедувачи во „Процес“.
Полицијата не успеа да го расветли ниту претепувањето на четворицата руски
дипломати во кафулето „Тренд“ на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје.
Неофицијално, тоа никогаш и нема да се случи, оти боксовите и клоците лично ги
делел еден од телохранителите на премиерот, кој „гаси и пали“ во државава.
Сепак, овие три инциденти се мал дел од она во што јавноста има увид.
„На врата работам три години, а досега ми се случиле барем десетина инциденти,
кои се забошотија. Пред две години, пред дискотеката ’Елемент‘ дојдоа двајца
полициски специјалци вооружени со пиштоли и рачни бомби. Ни се закануваа дека
ќе не’ дигнат во воздух, затоа што внатре претходно не го пуштивме братот на
едниот од нив. Потоа, успеавме да ги совладаме, но инцидентот се забошоти по
брза постапка“, вели еден од познатите скопски „вратари“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп повторно го тужи Харвард
Администрацијата на Трамп денес поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не се придржувал до федералната истрага и барајќи документи поврзани со неговите практики за прием на студенти.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон, адвокатите на Министерството за правда на САД изјавија дека бараните документи ќе помогнат да се процени дали Харвард се придржува до пресудата на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием на колеџи базирани на раса се прогласени за неуставни.
Министерството за правда соопшти дека ја поднело тужбата „единствено за да го принуди Харвард да достави документи поврзани со какво било разгледување на расата при приемот“ и „не го обвинува Харвард за какво било дискриминаторско однесување, ниту бара парична отштета или укинување на федералното финансирање“.
Трамп, претходно овој месец изјави дека неговата администрација бара 1 милијарда долари од Харвард за решавање на истрагите за политиките на универзитетот, откако новинските извештаи објавија дека Трамп се откажал од барањето за исплата од престижниот универзитет.
Харвард е во фокусот на широката кампања на администрацијата за користење на федерално финансирање за да се поттикнат промени на американските универзитети, за кои Трамп вели дека се погодени од антисемитски и „радикално левичарски“ идеологии.
Администрацијата откажа стотици грантови доделени на истражувачи од Харвард врз основа на тоа што универзитетот не направил доволно за да го спречи вознемирувањето на еврејските студенти на својот кампус, што го натера Харвард да поднесе тужба.
фото/Depositphotos
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.

