Регион
Вучиќ: Србија направи сѐ што можеше за почеток на преговорите, сега останува на ЕУ
Отворањето на поглавјата во процесот на пристапувањето на Србија во Европската унија (ЕУ) зависи од европските партнери, изјавил српскиот премиер Александар Вучиќ, додавајќи дека Србија од своја страна направила сѐ што било во нејзините можности, пренесуваат српските медиуми.
„Тоа што беше во наши раце, од дијалогот со Албанците до успешното завршување на скрининг процесот, со сите економски и политички мерки кои наидоа на поддршка на Брисел, ние го направивме. Брисел треба да донесе одлука дали ја сака Србија во Е вропа. Зборовите на високата претставнична на ЕУ, Федерика Могерини во Белград беа охрабрувачки“, рекол Вучиќ, коментирајќи ги најавите на Могерини дека оваа година би можеле да бидат отворени првите поглавја од пристапните преговори на Србија со ЕУ.
На коментарите дека иако Брисел ги фали реформите кои ги прави српската влада, за него важно е само спроведувањето на Бриселскиот договор, пришто притисокот за негова реализација е насочен само кон Белград, Вучиќ одговорил дека тој никогаш од европските претставници не побарал за Србија повеќе од тоа што таа го заслужила.
„Знаете дека не сакам да се жалам, никогаш не сум плачел на рамото на европските претставници, барајќи за Србија нешто повеќе од тоа што го заслужила. Но точно е дека најголем дел од притисокот за дијалогот со Албанците се врши врз нашата страна. Европската иднина е важна и вреди за неа трудот на секој од нас, но тоа не значи дека не сме во состојба да видиме и неретко почувствуваме пристраноста на поединечни европски земји“, истакнал српскиот премиер.
Вучиќ исто така потсетил дека на сите меѓународни претставници, вклучувајќи ја и Могерини, им поставил прашање на кое не добил одговор, а кое се однесува на двојните стандарди.
„Ја почитувам Албанија, во коректни односи сме со господинот Рама, но реков дека доколку јас на ѕидот од куќата на мојот татко нацртав карта на голема Србија, тогаш тоа ќе беше главна вест на CNN, а Србија ќе беше посочена. Кога се работи за случајот со картата на голема Албанија, немаше ниедна осуда кон тоа што се случи во Албанија. Тоа ми говори дека постојат двојни стандарди“, додал Вучиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

