Македонија
Сегашниот и поранешните премиери на заедничка средба, разликите остануваат
Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, во улога на поранешни премиери утре дефинитивно нема да се појават на централната прослава по повод 20 годишнината од независноста на Македонија.
Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, во улога на поранешни премиери утре дефинитивно нема да се појават на централната прослава по повод 20 годишнината од независноста на Македонија. Без резултат остана и последниот обид на премиерот Никола Груевски, кој денеска имаше средба со своите претходници, да ја убеди опозицијата да се појави на утрешната прослава. „Премиерот Груевски ја реафирмираше поканата до сите присутни да бидат дел од општонародната прослава за одбележување на стекнувањето на независноста на Република Македонија, потсетувајќи дека ова е прослава на сите граѓани на Македонија, прослава на нашата независност во која удел имаат сите граѓани, како и сите претходни премиери, влади, политичари и општествено активни лица, ова е прослава на Македонците, Албанците, Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците и останатите, прослава на нашата заедничка Татковина“, се вели во соопштението од владата за средбата на Груевски со Црвенковски, Геогриевски, Владо Бучковски и Хари Костов. „Тој упати уште еднаш апел и до СДСМ и до другите опозициони партии, но мислам дека во голема мера задоцни, бидејќи ако беше искрена намерата на владата, на премиерот, на владеачката партија овој празник да се прослави во знакот на обединувањето, тогаш ќе се направеше и такво сценарио, со таква содржина, околу точки што не обединуваат и што градат заедништво, а не околу точки и настани што во изминатиот период го поделија народот и се плашам дека ќе продолжат да го делат во наредниот период“, рече Црвенковски. „Утрешната прослава тешко можам да ја доведам во корелација со 20-годишнината од независноста на Република Македонија. Утрешната прослава ја доживувам како еден триумф на насилната, државно-оркестрираната антиквизација на Република Македонија, што се гледа преку Триумфалната Капија и споменикот на Александар Македонски. За мене тоа не е ништо друго освен една негација на она единственото што го имаме, а тоа е традицијата на св. Климент и Наум, на св. Кирил и Методиј која е јасно определена, на која јасно сме се заколнале и одеднаш таа станува нешто периферно, нешто маргинално“, вели Георгиевски.Своето незадоволство од ваквиот исход не го криеше и екс-премиерот Бучковски, кој смета дека разликите можеле лесно да се надминат и да се демонстрира единство на утрешната прослава.„Жалам што оваа средба не беше неколку недели или неколку месеци порано. Ако се случеше, убеден сум дека ќе имаше заедничко чествување што е утре. Според она што го слушав, разликите не се такви што не можеше да се надминат ако имаше постојан и отворен дијалог меѓу власта и опозицијата и меѓу Груевски и Црвенковски. Сметам дека СДСМ мораше да изнајде начин да присуствува на централната прослава, а своето негодување да го соопшти потоа и на соодветен начин. Ова мене, едноставно, не ми се допаѓа“, рече Бучковски.Средбата на Груевски со своите претходници беше од протоколарен карактер, одржана во чест на јубилејот. На неа, како што соопштија од владата биле разменети мислења околу актуелната ситуација во земјата, а се разговарало и за историските моменти што довеле до прогласувањето на независноста во 1991 година. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски-Тигањ: Фокус на Владата се инфраструктурните проекти, регионот може да напредува преку економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата Николоски ја потенцираше можноста за интензивирање на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Хрватска во интерес на двете земји.
Тој ги презентираше инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железнички Коридори 8 и 10, како дел од европските транспортни мрежи.
Посебен фокус на средбата се стави на изградба на брзата пруга на Коридор 10, како предуслов за брз и ефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на овој проект.
Двајцата говорници разменија и мислења околу актуелните политички прашања во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.
Вицепремиерот Николоски и амбасадорката Тигањ ги потврдија одличните односи меѓу Македонија и Хрватска и се согласија истите да продолжат да се оддржуваат на високо ниво во интерес на меѓусебната соработка и пријателство меѓу двете земји.
Македонија
26 малолетници затекнати по 24:00 часот, од нив 14 под дејство на алкохол при контрола во угостителски објект во Свети Николе
Ноќеска во 00.10 часот, полициски службеници од СВР Штип – ОВР Свети Николе, во содејство со инспектори од Дирекција за заштита и спасување, Државен пазарен инспекторат, Управа за јавни приходи, Државен трудов инспекторат и Центар за социјални работи, извршија контрола во угостителски објект во Свети Николе, соопшти МВР.
При контролата, во угостителскиот објект биле затекнати 26 малолетни лица после 24:00 часот, од кои 14 беа под дејство на алкохол.
Според полицијата, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави против одговорните лица.
„Воедно, од другите ангажирани инспекциски служби утврдени се низа прекршоци за кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.
Македонија
ДПМНЕ со тенденција инфлацијата да ја претвори во нов данок на сиромаштијата, велат од Левицата
Во услови кога државата се соочува со највисокиот просечен раст на трошоците на живот во последните години, Владата предводена од коалицијата ВМРО – ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ продолжува да тврди дека „инфлацијата е под контрола“, истакнуваат од Левицата.
„Меѓутоа, официјалните податоци и реалноста на секојдневниот живот на граѓаните го демонстрираат спротивното. Само во октомври, споредено со истиот месец лани, забележано е зголемување на цените од 5,17%. Кај категоријата храна и безалкохолни пијалоци растот изнесува значајни 7,25% додека кај рекреација и култура достигнува дури 7,85%. Овие индикатори јасно укажуваат на продолжен и интензивен инфлаторен притисок врз семејниoт буџет. Таквата динамика на цените ја потврдува тезата дека инфлаторниот процес не е ниту привремен, ниту доминантно „увезен“ како што претставува Владата. Напротив, станува збор за длабоко структурен проблем кој произлегува од недоволна економска координација, слаба институционална регулација и отсуство на конзистентни антиинфлаторни политики“.
Владата, додаваат од оваа партија, не успеа да изгради ниту една конзистентна политика за заштита на стандардот на граѓаните и наместо системски мерки гледаме импровизации што траат кратко. Истовремено, како што оценуваат, корпоративните профити растат, а реалната плата за мнозинството граѓани заостанува зад инфлацијата што значи дека работниците се секој месец реално посиромашни.
„Ваквата економска политика не е само неспособност тука таа претставува избор. Избор да се стави профитот на крупниот капитал пред потребите на граѓаните. Избор да се прикриваат слабостите на системот со политички пораки наместо со реални реформи. И избор да се дозволи инфлацијата да се претвори во нов данок на сиромаштијата.
Левица уште еднаш предупредува дека без јасна стратегија за сузбивање на инфлацијата, без воспоставување на вистинска контрола над клучните пазари и без политики што ја штитат реалната вредност на платите, државата ќе продолжи да тоне во спирала на поскапувања и раст на нееднаквоста“.
Според нив, приоритетот треба да биде: економија во служба на граѓаните, а не граѓани во служба на економските интереси на малкумина.

