Македонија
Коњановски: Нема отстапки за барањата на професионалните војници
Владата и Министерството за одбрана не можат да направат отстапки во однос на барањата на професионалните војници. Концептот активна резерва е одлично решение и за државата и за нив и е во согласност со стандардите на НАТО, изјави во денешното интервју за МИА министерот за одбрана
„Апсолутно, не можеме да отстапиме. Направивме анализи и видовме дека не е возможно во државата да создадеме пензионери од 38 години, да им ги продолжиме договорите за работа во Министерството до 64 години. Од два аспекта, прво, заради нивна безбедност бидејќи не може војник да биде на 50 години и второ, поради борбената готовност и одбраната на државата“, изјави Коњановски. Концептот на активна резерва е одлично решение и за државата и за професионалните војници, оцени Коњановски, и преку него Македонија ќе има добри резервни сили подеднакво подготвени како и професионалните војници. Од друга страна, како што рече, на професионалните војници им нуди минимална сигурност бидејќи десет години по завршувањето на нивниот договор секој месец ќе добиваат паушални примања од шест до седум илијади денари. „Мислам дека професионалните војници ќе сфатат дека ова е разумен предлог на Министерството за одбрана и оти полека но сигурно сфаќаат дека тоа што го бараат е невозможно да го добијат. Не знам за нивната мисија, дали мислат да останат ден, два, три и четири дена пред Владата, но знам за мојата мисија која секогаш е предодредена на професионалниот војник, на мојот максимален ангажман за изнаоѓање на добри решенија, нагласи Коњановски. Професионалните војници, според Коњановски, прифатиле да потпишат договор со Министерството за одбрана што трае до моментот кога тие ќе наполнат 38 години. „Знаејќи за таквиот момент, како министер можев да кажам дека тоа е тоа и оти законските можности се тие. Сметав дека е добро да седнеме, да разговараме и да понудиме взаемно прифатлив концепт не само од морален и човечки аспект, туку и зашто, сепак, треба да внимаваме на професионалните војници бидејќи голем дел од нивните активности беа насочени кон подобрување на рејтингот на државата. Од една страна наидовме на барањата на професионалните војници кои лично сметам дека се апсурдни и ако прифатиме дел од нив нема да бидеме компатибилни со земјите – членки на НАТО“, рече министерот за одбрана. Во државите членки на НАТО, додаде Коњановски во интервјуто за МИА, професионалните војници работат во армијата до 35 години или до 38, можеби некаде и до 40 години. Професионалните војници втор ден протестираат пред Владата и бараат продолжување на договорите за работа и по 38. година до исполнување на условите за пензија, распоредување во други државни институции, како и право на остварување отпремнина во износ од пет просечни плати во случај на престанок на работниот однос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време во Македонија – утре дожд и снег, нов бран врнежи од вторник
Времето утре променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на некои повисоки места и на планини од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 5 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник и во вторник преку денот времето ќе биде стабилно и суво. Во вторник кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат нови врнежи претежно од снег.
Македонија
Демант на Министерството за социјална политика, демографија и млади во врска со ЈУМЦСР Тетово
Министерството за социјална политика, демографија и млади најостро ги демантира наводите изнесени во јавноста за наводно непостапување по случајот во ЈУМЦСР Тетово.
„Ваквите обвинувања се целосно неосновани, неточни и спротивни на фактите.
Инспекторите од Инспекциската служба при Министерството за социјална политика, демографија и млади редовно вршат инспекциски надзори од сите видови (редовни, вонредни и контролни) во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, како субјект на инспекциски надзор.
Во рамки на овие надзори, меѓу другото, континуирано се врши инспекциски надзор над постапките за остварување на правата од парични давања, и тоа: правото на гарантирана минимална помош, правото на социјална сигурност за старите лица и правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
Во спроведените инспекциски надзори (редовни, вонредни и контролни) континуирано се изрекуваат соодветни инспекциски мерки со цел отстранување на констатираните неправилности. По исцрпување на инспекциските мерки, согласно законските одредби, се преземаат мерки за утврдување одговорност и поведување соодветни постапки против сторителите на утврдените повреди, вклучително и поднесување соодветни пријави до надлежните органи. Притоа, поголем дел од кривичните постапки што се водат пред Јавното обвинителство се иницирани од инспекторите од Инспекциската служба при Министерството, самостојно или во соработка со Јавното обвинителство.
Во однос на постапките за остварување на наведените права од социјална заштита, инспекторите за социјална заштита од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштитата на децата, во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, во текот на 2024 година спроведоа два (2) вонредни инспекциски надзори по поднесени иницијативи од граѓани и шест (6) контролни надзори за следење на спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија од 2023 година, при што беа утврдени неправилности во 76 предмети. Во 2024 година беа донесени и решенија со кои се изречени инспекциски мерки за уште седум (7) предмети.
Во текот на 2025 година е спроведен еден (1) редовен инспекциски надзор со утврдени неправилности во шест (6) предмети, еден (1) вонреден надзор со утврдени неправилности во пет (5) предмети, како и шест (6) контролни надзори со кои е вршен надзор над спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија донесени во 2024 и 2025 година.
Во рамки на сите спроведени инспекциски надзори утврдени се неправилности во вкупно 94 предмети. Согласно спроведените контролни надзори, констатираните неправилности се отстранети во 88 предмети, по што инспекциската постапка е запрена. Исклучок претставува еден надзор спроведен во 2025 година, во кој се утврдени неправилности во шест (6) предмети, за кои контролниот надзор ќе се спроведе по истекот на рокот утврден за спроведување на инспекциските мерки.
Важно е да се напомене дека во случаи кога инспекторите ќе констатираат неоснована исплата на средства, ги известуваат/задолжуваат надлежните институции, да постапат согласно законските прописи, како и да се преземат мерки за утврдување индивидуална одговорност и поведување соодветни дисциплински, прекршочни или кривични постапки против одговорните лица, во согласност со важечката законска регулатива“, се вели во демантот.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.

