Македонија
Комитет за односи меѓу заедниците: Да се работи на смирување на инцидентите
Државата со сите свои капацитети да се справи со последните инциденти и да работи на смирување на состојбата, беше побарано да денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците.
Државата со сите свои капацитети да се справи со последните инциденти и да работи на смирување на состојбата, беше побарано да денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците.
Апелираа граѓаните да се воздржат од провокации и да работат на зачувување на, како што рекоа, традиционално добрите меѓурелигиски односи во Македонија.
„Сите ние треба да одиме кон смирување на ситуацијата и отстранување на инцидентите, колку и да се мали тие, но кои влијаат на меѓуетничките односи во Република Македонија. Мислам дека нашата порака е и понатаму во Струга да се сочува соживотот, како етничкиот, така и религискиот, да се почитуваат заедниците и во иднина да немаме инциденти од оваа природа“, рече градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
„За мене е апсолутно неприфатливо и изразувам остро противење на сите вандалски постапки, односно сквернавење на цркви во Октиси, Оровец и Лабуништа. Во оваа смисла, ставајќи се во целосно располагање на правната држава, повикуваме да се вложат натамошни напори за расветлување на овие настани како значаен предуслов за негување и развој на меѓуетничкиот и меѓуверскиот дијалог“, рече градоначалникот на Вевчани, Перо Илиевски.
„Имаме само едно место за живеење, едно заедничко место на живеење, а тоа е нашата вистинска цел, богоугодна цел – Република Македонија“, порача Валентина Божиновска, директор за Комисијата за односи меѓу верските заедници.
„Апелирам до сите да се воздржат од дејства или постапки коишто поттикнуваат омраза, бидејќи во спротивно ќе се зголеми продлабочувањето на поделбите и создавањето на тензии коишто никој од нас не ги посакува“, побара Народниот правобранител Иџет Мемети.
Од Македонската Православна Црква прашаа зошто нивни храмови се мета на вандали, во ситуација кога Вевчанскиот карневал, кој се наведува како причина за незадоволство, е пагански обичај. Од Исламската Верска Заедница, пак, се пожалија на маргинализација од страна на општеството.
„Православната вера не познава свештен обред и карневализација, па затоа и Вевчанскиот карневал нема ништо заедничко ниту со православието, ниту со празникот на Свети Василиј Велики, ниту со Јулијанската нова година. Карневалот е одлика и остаток од политеистичките религии и оттаму зачудува и поврзувањето со православната вера, особено со православната вера и посегнувањето по православните храмови“, рече отец Благоја Ацески од МПЦ.
„Ова е само дел од проблемите и прашањата со коишто се соочува исламската верска заедница и нивното нерешавање ги спречува севкупните односи во земјата. Карневалот во Вевчани преставува само еден мал сегмент на сето ова што го зборувам, но таму се понижуваше најсветото нешто во исламот – Куранот“, рече Дритон Дикена од ИВЗ.
Пораки за смирување на ситуацијата стигнаа и од политичките преставници.„Ова се нови моменти, коишто се вештачки, коишто ги произведува кујната, а се знае тоа се државните институции, тоа е владата, влада којашто има перформанс на исклучително анти-албанска влада. Минатото покажува дека тука немаме меѓуконфесионални проблеми, туку албанскиот народ има проблеми со владите од минатото и актуелната влада. Значи немаме поделба со македонскиот народ. Ова треба да се потцртта со дебели линии“, рече Орхан Ибрахими од ДПА.
“Државата, како носител на инструментите на власта не треба да дозволи, било кој да е тој, да го подметнува пожарот на меѓунационална омраза, меѓурелигиска, меѓукултурна и било којо друг контекст и треба јако да напаѓа“, рече Џеват Адеми од ДУИ.
„Очекуваме и градоначалникот на Струга јавно и недвосмислено да се огради од настаните кои очигледно се негативна последица од протестот зад којшто отворено и тој застана. Меѓутоа, инцидентите и провокациите не смеат и не можат да се оправдаат со карневалските маски во Вевчани и со вербалните испади на спортските натпревари. Мислам дека сето тоа, ако го сфатиме, ако полесно го разбереме, тогаш овде ќе разговараме за некои порелаксирани теми“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.
„Мислам дека изгубена битка е битката на сите оние којшто мислат дека меѓуетничките односи можат да направат во Република Македонија да се случуваат нешта којшто никој не ги посакуваме, уште помалку некој којшто мислат дека заради политички поени можат да направат провокации, тензии, вклучувајќи различни навреди на меѓуверска или меѓуетничка основа и тоа да им биде основ тие да се истакнат како бранители на сопствениот народ, сопствениот етникум или верска припадност“, порача Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

