Македонија
Од утре почнуваат Рамазанските пости
Верниците со исламска вероисповед од утре го одбележуваат муслиманскиот свет месец Рамазан, кога пророкот Мухамед го објавил Куранот
По повод месецот Рамазан, поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија Реис Улема Сулејман ефенди Реџепи до верниците со исламска вероисповед упати Рамазанска порака.„Браќа и сестри, драги пријатели. Месецот Рамазан преставува еден од највозвишените месеци согласно исламскиот календар. Во овој месец започнува Аллаховото објавување на Куранот како последна негова објава до човештвото. Во месецот Рамазан припадниците на исламот се задолжени со посебен верски обред, а това е постењето што значи целосна абстиненција од јадење и пиење како и од лоши дела.Драги пријатели, Рамазан е месец на исламската солидарност и еднаквоста помеѓу луѓето. Во овој месец сиромашниот треба да биде помогнат, сирaчињата треба да бидат поткрепени, задолжените треба да бидат поддржани, а пак оние кои се определиле да ги изучуваат изворите на исламот треба да бидат грижа и совест на сите муслимани. Алах ги изедначил обврзувајќи ги со постот и оние кои се богати со оние кои се сиромашни, оние кои се од една раса со оние кои се од друга раса, сите луѓе се еднакви во извршувањето на оваа Аллахова обврска без разлика на нивната национална, етничка и друга припадност. Месецот на Рамазан е месец на мирот и спокојството, на духовното воздигнување на човековото битие, месец во кој се што прави верникот наградата ја добива од Алах.Чест ми е овој возвишен месец да им го честитам на припадниците на Исламот, посакувајќи им лесен пост, духовен мир и безгранични благодети во нивните семејства. Додека на луѓето со добра воља им посакувам мир, љубов и просперитет во нивниот живот. Му се молам на Алах да го прими Рамазанскиот пост и сите наши упатени молби до Него и да ни ги опрости нашите човечки гревови, инш-ааллах. За многу години Рамазан. Рамазан мубарек олсун“, се наведува во пораката на поглаварот на ИВЗ Реис Улема Сулејман ефенди Реџепи.Рамазан е период во кој исламските верници се молат и постат од изгрејсонце до зајдисонце, апстинирајќи од секаков вид храна. Рамазан е месец на молитви и добри дела. Во текот на Рамазан припадниците на исламот треба да се чуваат од злодела и лоши мисли. Припадниците на исламот кои не можат да постат во текот на Рамазан, должни се да ги постат пропуштените денови, кога ќе имаат можност. Доколку во текот на Рамазан ненамерно се прекине постот, тој може да биде повторно продолжен. Постот има и здраствена димензија. Според исламскиот пророк Мухамед, да се пости значи да се биде здрав.Рамазанот завршува со Фитер Бајрам, кој трае три дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

