Македонија
Преглед на печат/ Македонија
„Дневник“
“Уставот пред ремонт“ е централна вест на насловната страница во која се наведува дека измените на уставот не може да се прават само за парцијални одредби и без посериозна јавна расправа, како и без консултации со стручњаци од дадените области. Ова е мислењето што го пренесува весникот на повеќето консултирани експерти по предлогот од страна на Министерството за правда за измена на Уставот. Како што пишува „Дневник“, откако министерот за правда Михалјо Маневски побара од пратениците да почнат со измени на Уставот со што ќе се дополнат механизмите за справување со организираниот криминал, стручњаците се категорични дека ваквите измени мора да се проследени со сериозна стручна дебата. „Време“
Централно место во понеделничкото издание му отстапува на анализирањето на изјавите на лидерите на двата најголеми чинители во владејачката коалиција. Во текстот со наслов „Заедно во ЕУ или во амбис“ се цитира изјавата на Али Ахмети, дадена во Куманово на средба со граѓаните дека „или заедно ќе одиме во НАТО и ЕУ, или заедно ќе ја уништиме оваа земја“, при што се наведува дека лидерот на ДУИ не прецизирал дали „заедно“ се однесува на коалициониот партнер или воопшто на двете најголеми етнички заедници во земјата. Притоа авторот заклучува дека евро-интеграциите, а со тоа и иднината на земјата зависат од соработката меѓу Македонците и Албанците, и од тоа како ќе се одвиваат преговорите со Грција за уставното име на државата што е главен предуслов за отворање на вратите на НАТО и ЕУ.„Нова Македонија“
“Годината 2011-та по ништо нема да стане историска“ се наведува во насловниот текст. Членството во НАТО според весникот би бил единствениот настан што би добил некакво место во историјата, бидејќи од самото прогласување на независноста на државата нејзина стратешка цел се евроинтеграциите. Меѓутоа, како што се наведува во текстот, нема речиси никакви шанси годинава да биде забележана во историските учебници, иако политичките лидери од власта ја најавуваат како таква. Иако се изразува мала веројатност 2011-та да биде историска, сепак се наведува дека таа ќе биде многу значајна заради одржувањето на пописот на населението, а и одржувањето на конгресот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од која според авторот може да произлезат нови односи на политичката сцена и во владината гарнитура. „Утрински весник“
Во централниот текст под наслов “Власта пак му се нафрли на абортусот“, весникот ја проследува владината кампања за опасностите од абортусот. Тоа според авторот може да претставува и отворање сомнежи дека владата подготвува терен за негово забранување. Во текстот е поместена и изјава и на владиниот портпарол Мартин Мартиноски кој негира дека кампањата за абортусот треба да се гледа како евентуална подготовка за измени на Законот за абортус. Тој вели дека во прв ред оваа кампања под наслов „Избери живот“ е едукативна и укажува на негативните последици од насилното прекинување на бременоста. Во написот и претставници на Министерството за здравство негираат дека во ресорот се подготвуваат измени на споменатиот закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.

