Општество
Три лица починаа од бактеријата листерија
Три лица во Македонија починаа од бактеријата листерија која ја има во храната. Станува збор за лица на возраст од 72 и 59 години и едно новороденче.
Три лица во Македонија починаа од бактеријата листерија која ја има во храната. Станува збор за лица на возраст од 72 и 59 години и едно новороденче.
Во последните 30 денови во Македонија се регистрирани седум случаи кај кои е потврдено присуство на бактеријата листерија. Пет од нив се со дијагноза листериозен менингитис или менинго енцефалитис, а две новороденчиња се со дијагноза листериозна сепса.
Од пријавените седум случаи, три завршиле со смртен исход, од кои еден на возраст од 72 години, вториот случај на 59 години и едно новородено дете.
Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, димена риба и друго.
Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови).
Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зглобови и сл.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на 2013 година бактеријата е изолирана кај три мостри од храна, но нема пријавено заболени лица. Во 2014 година (до јуни) уште во три мостри од храна е изолирана оваа бактерија, при што само во последниот месец се пријавени седум случаи на лица заболени со листериоза.
По добиената информација за појавата на бактеријата и смртните случаи, Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Никола Тодоров одржаа состанок. Центрите за јавно здравје направија теренски проширени епидемиолошки истражувања кај сите случаи со листериоза особено во однос на видовите храна консумирани во претходниот месец пред појава на симптомите.
Комисијата ја задолжи Агенцијата за храна да изврши вонредни контроли во сите поголеми производствени погосни за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна. Агенцијата е должна да направи контрола на сите зелени пазари.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе направи контрола на безбедноста на млекото наменето за доенчиња на одделенијата за неонатологија и педијатриски одделенија.
Комисијата за заразни болести ги советува граѓаните за поголемо внимание при подготовка и консумација на храна бидејќи во летниот период се јавуваат повеќе болести кои се пренесуваат преку храна. Неопходно е темелно миење на рацете пред поготовка и консумација на храна и почесто миење на рацете при подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подоготовка, а доколку не се употреби веднаш да се чува на температура од 2 до 8 степени и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени.
Да не се консумира сирова или недоволно термички обработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвената храна во фрижидер да се чуваат одделно во посебни садови.
Темелно чистење и миење на садовите, кујнскиот прибор, работните површини и рацете, пред и после ракувањето со храна – сирова или термички обработена. Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени. Да се избегнува храна од тезги на улица, брза храна, како и др. храна и вода од несигурни извори.
Лицата кои спаѓаат во ризична категорија поради тоа што болеста може да се манифестира во потешка форма, со компликации и лош исход особено кога се работи за листериоза (лица со хронични болести и намален имунитет, постари лица над 65 годишна возраст, бремени жени) треба посебно да обратат внимание на препорачаните мерки и да избегнуваат консумација на меки сирења, непастеризирано млеко и млечни производи, паштети и салати, да избегнуваат храна од кулинарски тезги, брза храна, да избегнуваат консумација на претоплувана еднаш оладена храна, како и избегнување на контакт со бремени или новородени животни.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.