Свет
Протести поради филмот за Мухамед од Нигерија до Грција
Муслиманите во недела повторно протестираа против антиисламистичкиот филм „Невиноста на муслиманите“ во Нигерија, Иран, Грција, Турција и го искажаа антизападниот гнев против филмот и карикатурите со кои се навредува исламот, јавува Ројтерс.
Протестите ширум светот беа релативно малобројни и мирни, но западните амбасади и понатаму се под зголемен степен на безбедност, откако беше убиен американскиот амбасадор во Либија и тројца американски функционери во еден од првите протести во Бенгази, на 11. септември.
Американски знамиња гореа во некои делови од муслиманскиот свет, наведува британската агенција, додавајќи дека ирански студенти извикувале „Смрт за Американците“ и „Смрт за Израел“ пред француската амбасада во Техеран, протестирајќи против одлуката на сатиричниот неделник „Шарли ебдо“ да објави карикатура на пророкот Мухамед.
Муслиманите шиити во нигерискиот град Кацин запалија американски, француски и израелски знамиња, а еден верски лидер повикал на продожување на протестите додека авторите на филмот и на карикатурата не бидат казнети.
Во Пакистан, каде 15 луѓе беа убиени во протестите во петок, еден владин министер понуди награда од 100.000 долари за тој што ќе го убие авторот на краткиот американски филм.
Во Атина демонстрантите фрлаа шишиња со вода, камења кон полицијата која одговори со солзавец. Грчката агенција АНА, јавува дека полицијата привела 40 лица во текот на протесите на неколку стотици муслимани во центарот на Атина поради филмот снимен во САД.
На првиот таков протест во Грција демонстрантите извикуваа „Се што имаме е Мухамед“ и носеле транспаренти со барања за неодложно казнување на оние кои се обиделе да го исмејуваат пророкот.
Ројтерс јавува дека во Турција, сојузникот на САД и секуларната муслиманска држава која се доживува како мост меѓу исламските свет и Западот, демонстрантите денеска го запалиле американското и израелското знаме.
„Нека се скршат рацете кои ќе го допрат Мухамед“ викаа околу 200 демонстранти.
Во Бангладеш, училиштата и фабриките биле затворени, а сообраќајот пореметен поради генералниот штрајк којшто го организираа исламистичките групи против филмот.
Филмот „Невиноста на муслиманите“ е снимен во Калифорнија и веќе со денови предизвикува протести ширум муслиманскиот свет, а во повеќе од 20 земји во протестите поради филмот загинаа 49 луѓе./крај/тј/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Монд“: Одбраната на источното крило на ЕУ треба да биде приоритет поради руската закана
Одбраната на источното крило на Европа треба да биде „непосреден“ приоритет поради руската закана, изјавија денес лидерите на осум земји од Северна и Источна Европа на самитот одржан во Хелсинки, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина“, изјави финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција.
Ситуацијата бара источното крило на Европската Унија (ЕУ) да добие непосреден приоритет преку оперативен, координиран и повеќедоменски пристап, изјавија во заедничка изјава лидерите на Финска, Шведска, Латвија, Литванија, Естонија, Полска, Романија и Бугарија.
Потписниците ја нагласија потребата од зајакнување на копнените борбени капацитети, одбраната од беспилотни летала, воздушната и ракетната одбрана, заштитата на границите и критичната инфраструктура во рамките на ЕУ и во соработка со НАТО.
„ЕУ може да игра важна улога преку поддршка на напорите на поединечните земји-членки за зајакнување на нивните одбранбени капацитети, преку дефинирање на финансирањето, поедноставување на регулативите и подобрување на воената мобилност“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Тој додаде дека нема знаци дека Русија сака мир во Украина.
Фото: депозитфотос
Свет
Словачкиот министер за одбрана: Украина пропушти историска шанса
Продолжувањето на вооружениот конфликт во Украина ќе предизвика уште поголема штета на Киев, изјави словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак во интервју за локалниот весник „Правда“.
„Колку подолго трае конфликтот, толку поголема штета ќе предизвика на Украина“, рече Калињак, оценувајќи дека Киев имал можност да постигне поповолен договор со Русија веднаш по почетокот на војната.
Според него, околностите значително се промениле во меѓувреме, а Европската Унија повеќе нема финансиски или човечки ресурси потребни за да продолжи со сеопфатна поддршка на Украина.
„Европа е уморна. Никој не сака да ги испраќа своите војници, а земјите-членки на ЕУ веќе се двоумат кога станува збор за понатамошно финансирање. Затоа се повеќе се зборува за користење на блокирани руски средства“, истакна словачкиот министер за одбрана.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека продолжувањето на конфликтот во Украина може да доведе до избувнување на трета светска војна.
Фото: депозитфотос
Свет
Зеленски предлага божиќно примирје; Русија го отфрла предлогот
Кремљ денес го отфрли предлогот на Киев за божиќно примирје, велејќи дека Русија нема намера да ги запре нападите за време на празниците, пренесуваат медиумите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва „не сака примирје што би ѝ дало време на Украина да се прегрупира и да се подготви за продолжување на војната“. Тој додаде дека Русија сака „мир, а не краткорочни, неодржливи решенија“.
Зеленски предлага божиќно примирје
Предлогот за божиќно примирје прв го изнесе украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вчера изјави дека Киев ја поддржува идејата барем привремено да ги запре руските напади, особено врз енергетската инфраструктура, за време на празничниот период.
Кремљ претходно денес изјави дека евентуалното примирје ќе зависи од тоа дали ќе се постигне поширок договор за прекин на војната. Песков, исто така, ги спомена изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за евентуален мировен договор.
„Прашањето е дали ќе постигнеме договор или не. Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели, да ги обезбедиме нашите интереси и да гарантираме мир во Европа во иднина“, рече Песков.
Тој исто така рече дека Москва сè уште не видела никакви конкретни предлози за безбедносни гаранции за Украина, за кои, според американските и европските претставници, Вашингтон разговара со Киев. Украина, барем засега, тврди дека примирјето за Божиќ би било хуманитарно. Русија се чини решена дека нема да има.
Фото: депозитфотос

