Македонија
ЕБК ги презентираше своите вештини
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска присуствуваше на презентација на полициски вештини од страна на Единицата за борба против криминалот (ЕБК).
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска присуствуваше на презентација на полициски вештини од страна на Единицата за борба против криминалот (ЕДК). Таа истакна дека оваа е практична обука која се однесува на приведување на лица по различни сценарија, која е дел од редовната континуирана обука која опфаќа над 30 отсто од работното време на полициските службеници. Јанкуловска информираше дека ова е програма која се носи на годишно ниво и која мора да се спроведе во текот на 12 месеци, додавајќи дека доколку во текот на годината се појави потреба, се прават и одредени модификации на редовната годишна обука соодветно приликите, потребите и барањата.„Се прават модификации соодветни на приликите, потребите и барањата бидејќи неретко се случува полициски службеници на терен да се сретнат со ситуации кои не се вообичаени или пак сметаат дека не им се доволно увежбани вежбите и имаат потреба од дополнителни часови“, рече Јанкуловска. Инаку во овој момент во Центарот за обука на МВР, обука посетуваат полициските службеници од Единицата за борба против криминалот, кои како што рече министерката се една од единиците која најчесто се соочува со ситуации каде што треба лице да се лиши од слобода врз основа на тоа дали се работи за наредба од суд, проверка, потрага и слични сценарија. Во првите пет месеци припадниците на оваа единица имаат извршено над 5.000 легитимирања, односно над 1.570 приведувања на лица по разни основи. Министерката Јанкуловска не сакаше да одговори на прашањето дали и во идната влада ќе остане министер за внатрешни работи, или како што се шпекулира ќе биде прв човек во министерството за информатичко општество. Таа рече дека треба да се причека и дека мандатарот ќе одговори на ова прашање. крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонскиот концепт: Ја осудуваме изјавата на Костадин Костадинов и бараме да ја признае реалноста
Македонски концепт најостро ја осудува „неодговорната и провокативна“ изјава на лидерот на бугарската крајнодесничарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, во која се повикува на „логичноста“ за присоединување на Македонија кон Бугарија. Ваквите изјави се целосно спротивни на принципите на современата европска соработка, меѓусоседските односи и почитувањето на националниот идентитет, велат од Македонски концепт.
„Го повикуваме Костадинов, како и сите политичари во Бугарија, да се соочат со историската реалност и да прифатат дека македонскиот етнос е значаен дел од бугарската нација. Оваа вистина треба да се препознае како основа за зајакнување на мостовите на соработка, заемно почитување и заеднички напредок помеѓу Македонците и Бугарите.
Наместо продлабочување на поделбите, време е за создавање на заедничка визија за иднината, базирана на почитување на националните идентитети и културното наследство на двата народа“, се вели во соопштението на Македонски концепт.
Од таму додаваат дека остануваат посветени на промовирањето на овие вредности и на градењето на европска иднина за целиот регион.
Македонија
(Видео) СДС го создаде Артан Груби и му дозволи тој да ја ограбува државата, рече Петрушевски
„СДС го создаде Артан Груби и му дозволи тој да ја ограбува државата. СДС се главем виновник за милионските криминали на Груби. Тие ја потчинија цела влада на него и неговите криминални шеми“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Груби отворено, без проблем од прогон, со години ја ограбуваше државата во време на СДС.
СДС свесно дозволи и знаеше што се прави Груби.
СДС се виновни за криминалот на Груби и за се што правеше, кое му беше дозволено заради желбата за власт на СДС.
Венко Филипче и СДС треба да признаат пред целата јавност дека тие го создадоа Груби и да се извинат. Истовремено да ги повикаат на одговорност и Ковачевски и Заев“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Халкбанк предупредува за обиди за злоупотреба на лични и финансиски податоци
Халкбанк АД Скопје ја информира јавноста дека од 28 декември 2024 година се регистрирани обиди за неовластено собирање на лични и финансиски податоци преку лажни пораки, кои се испраќаат до граѓаните на Македонија. Овие активности сè уште се актуелни.
Се испраќаат лажни SMS пораки со злоупотребено име на банката, кои содржат линк до лажни веб-страници со намера за измама. Целта на овие пораки е прибирање на податоци за платежните картички и можност за нивна злоупотреба.
Банката апелира до јавноста да се воздржи од отворање на линковите добиени преку ваквите пораки, да не внесува лични или финансиски податоци на посочените веб-страници и да биде внимателна.
Халкбанк АД Скопје истакнува дека никогаш нема да побара од своите клиенти лични податоци или информации за платежните картички преку ваков тип пораки. Сите комуникации од страна на банката се одвиваат исклучиво преку официјални и безбедни канали.
ПР