Свет
Народниот правобранител застана зад граѓаните
Не треба да се пополнуваат заканувачките анкетни ливчиња што ги испратија општините и внесоа конфузија во јавноста
Не треба да се пополнуваат заканувачките анкетни ливчиња што ги испратија општините и внесоа конфузија во јавноста
Законска обврска за пријавување имаат само граѓаните кои првпат се стекнале со имот или чија имотна состојба се променила по стапувањето во сила на Законот за данок на имот, односно од 21 септември 2004 година, а не била досега евидентирана во УЈП
Нина Нинеска Фиданоска
Граѓаните немаат никаква обврска да ги пополнуваат евиденциските листи што деновиве им беа испратени од локалните власти, ниту мораат да ги доставуваат до општините. Ова вчера категорично го порача народниот правобранител Иџет Мемети во врска со случајот "Даночни анкетни листи", кои општинарите ги лиферуваа до голем број граѓани, во обид, како што соопштија, да ја комплетираат базата на податоци. Народниот правобранител, кој всушност е адвокат на граѓаните, вчера застана целосно на нивна страна, потенцирајќи дека општинските власти со испраќање на евиденциските листови ги доведуваат во заблуда, врз нив вршат притисок и покажуваат некоректен однос, ставајќи ги во улога на сервис на јавната администрација, наместо да биде спротивното.
Овој случај веќе неколку дена ја бранува јавноста и ги збунува граѓаните, кои беа максимално изреволтирани од последниот потег на градските татковци.
Народниот правобранител јасно потенцира дека никој не е должен да го пријавува веќе пријавениот имот. "Законската обврска за пријавување на имотната состојба произлегува само за граѓаните кои првпат се стекнале со имот или чија имотна состојба се променила по стапувањето во сила на Законот за данок на имот, односно од 21 септември 2004 година, а не била досега евидентирана во Управата за јавни приходи", се наведува во соопштението кое оваа институција вчера го испрати до медиумите.
Од Канцеларијата на народниот правобранител истакнуваат дека граѓаните кои веќе биле евидентирани како даночни обврзници во УЈП врз основа на данок на имот, а кај кои не настапила промена во имотната состојба, немаат законска обврска за повторно пријавување на имотната состојба. Тоа е во согласност со член 29, став 2 од Законот за даноците на имот, во кој е наведено дека обврзникот на данокот на имот кој поднел даночна пријава, нема обврска за истиот имот да поднесе нова пријава, доколку нема промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава, а кои се од влијание за висината на даночната обврска.
Законска обврска на секој граѓанин е да ја пријави имотната состојба најдоцна до 31 јануари во годината во која се утврдува данокот, како и секоја промена на својата имотна состојба до општинската администрација, но само за оние што досега не биле евидентирани како даночни обврзници.
"Според тоа, доставувањето евиденциски листови до граѓаните содржат само дел од законските одредби, со што тие се доведуваат во заблуда, не се сметаат за даночна пријава, ниту граѓаните се должни да ги пополнат и да ги достават до општините, односно до Градот Скопје. Единиците на локалната самоуправа се должни да водат регистар на недвижниот и подвижниот имот, а досегашните податоци да ги преземат по службена должност од УЈП. Затоа, доставувањето евидентни листови и извадоци од казнените одредби на законот до граѓаните, народниот правобранител го смета за некоректен однос и притисок врз нив од страна на јавната администрација, која наместо да биде нивен сервис, граѓаните ги става во улога на сервис на јавната администрација", вели народниот правобранител, додавајќи дека општините не може да се издигнуваат над законите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Транспортерите од БиХ и Србија не отстапуваат, продолжуваат со блокади на границите
Протестите на транспортерите од Босна и Херцеговина и Србија на граничните премини за товар со Европската Унија продолжуваат и денес, петти ден по ред. Членовите на Логистичкиот конзорциум на БиХ, како и нивните колеги од Србија, велат дека нема да се откажат додека не им се исполнат барањата, пишува Klix.ba.
Европската комисија вчера усвои нова визна стратегија која за прв пат ги признава возачите на камиони како посебна категорија. Ова се смета за почетна точка за решавање на проблемот со ограничен престој од 90 дена во Шенген зоната за возачи од земји кои не се членки на ЕУ. По оваа вест, превозниците од Црна Гора и Северна Македонија одлучија да ги прекинат протестите.
Сепак, превозниците од Босна и Херцеговина велат дека ова не им е доволно и продолжуваат со блокадите.
Зијад Шариќ, член на Управниот одбор на конзорциумот „Логистика“, изјави дека бараат итен состанок со премиерот на Република Српска Саво Миниќ, премиерот на Федерацијата БиХ Нермин Никшиќ и претседателот на Советот на министри на БиХ Борјана Кришта. Целта на состанокот, како што изјави, е да се најде конкретно и итно решение за проблемите со кои транспортерите се соочуваат секојдневно во својата работа.
Свет
„Епл“ ги надмина очекувањата благодарение на силната продажба на Ајфон 17
Продажбата на Ајфон достигна рекордно високо ниво во последните три месеци од минатата година, соопшти „Епл“.
Приходите се зголемија за 16% во однос на истиот период лани, на 143,8 милијарди долари (82,5 милијарди фунти) – најсилниот раст од 2021 година – благодарение на порастот на продажбата во Кина, како и во Европа, Северна и Јужна Америка и Јапонија.
Резултатите ги надминаа очекувањата на Волстрит, главно поради силната продажба на Ајфон 17, што ги ублажи загриженостите на инвеститорите за стратегијата за вештачка интелигенција на „Епл“, објави Си-ен-ен.
„Епл“ објави приход од 143,8 милијарди долари во последниот квартал, што е зголемување во однос на 124,3 милијарди долари во истиот период од претходната година. Приходите од Ајфон изнесуваа 85,3 милијарди долари, надминувајќи ги проценките на аналитичарите од 78,2 милијарди долари. Овие резултати го опфаќаат првиот целосен квартал во кој беше достапен Ајфон 17, објавен во септември минатата година.
Влоговите беа високи бидејќи се смета дека „Епл“ заостанува во вештачката интелигенција, ставајќи дополнителен притисок врз клучните производи да испорачаат врвни резултати.
Компанијата, исто така, соопшти дека низ целиот свет има 2,5 милијарди активни уреди на „Епл“. Главниот извршен директор Тим Кук во четврток им изјави на аналитичарите дека компанијата забележала рекорден број клиенти кои преминуваат од постари модели на новиот Ајфон, како и двоцифрен раст на бројот на луѓе кои преминуваат од Андроид.
Приходите во Кина, пазар каде што Apple се мачи, исто така значително се зголемија, од 18,5 милијарди долари на 25,5 милијарди долари во однос на претходната година.
„Побарувачката за Ајфон е едноставно зачудувачка“, рече Кук.
Свет
Чудните светли линии на Меркур сугерираат дека сепак не е „мртов“
Најмалата планета во Сончевиот систем, Меркур, можеби крие голема тајна. Според новите модели, необичните светли ленти што се протегаат низ неговите кратери и падини веројатно се знак за неодамнешна геолошка активност. Ова откритие сугерира дека Меркур, спротивно на претходните претпоставки на астрономите, не е геолошки „мртва“ и неинтересна планета, туку дека нејзиниот „пеколен пејзаж“ е сè уште активен, пишува Science Alert.
До неодамна, научниците знаеја само за мал број од овие светли ленти, официјално наречени линеи. Но, астрономот Валентин Бикел од Универзитетот во Берн и неговите колеги од Астрономската опсерваторија во Падова спроведоа студија што вклучуваше 402 такви формации. Нивната работа овозможува сосема нова слика за Меркур како изненадувачки нестабилна планета, со оглед на тоа што е мало небесно тело без атмосфера кое се лади веќе 4,5 милијарди години.
Користејќи машинско учење, тимот анализираше 100.000 слики со висока резолуција направени помеѓу 2011 и 2015 година. Тие открија дека долгите светли линии на површината на Меркур се претежно групирани на падините на кратерите свртени кон сонцето, иако не секогаш изгледа дека потекнуваат од постоечки вдлабнатини.
Се смета дека ваквите геолошки формации на други планети би еродирале брзо. Затоа, авторите на студијата претпоставуваат дека лентите на Меркур сè уште се формираат и развиваат денес. Со други зборови, тие не се траги од турбулентно минато, туку од сегашноста на планетата, поттикната од протокот на топлина и испарливи материи, како што е сулфурот, под површината.
Бикел објаснува можен механизам: „Испарителните материи можеби стигнале до површината од подлабоките слоеви преку мрежа од пукнатини во карпите, создадени од претходен удар.“
Повеќето од лентите, велат истражувачите, се чини дека потекнуваат од светли вдлабнатини познати како „шуплини“. Се верува дека овие шуплини се создадени и со ослободување на испарливи материи и обично се наоѓаат плитко под површината или по должината на рабовите на големи ударни кратери.
Тимот се надева дека ќе ја потврди својата хипотеза со нови слики од Меркур од мисиите на Европската вселенска агенција (ESA) и Јапонската агенција за истражување на вселената (JAXA). Доколку површината на Меркур е навистина сè уште активна, наскоро треба да добиеме подетален увид. Студијата е објавена во списанието Nature Communications Earth & Environment.

